21/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување План за реализација на населбата Драчево (усогласување со Основниот урбанистички план на град Скопје) – Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.18/82).

2. Ристо Трајковски и други граѓани од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата подносителите на иницијативата имале добиено локации по основ на сопственици на парцелите а со оспорениот план, после петнаесет години, биле направени извесни корекции заради десен тротоар на улицата “Ваташа” со тоа што им се одземало дворно место, им се рушеле огради и им се сечеле плодни дрвја. Со измените и дополнувањата на Планот за реализација жителите на оваа улица не биле запознати, ниту консултирани поради што не биле во можност да дадат свои забелешки на Планот.

Со иницијативата се бара запирање од извршување на сите поединечни акти и дејствија преземни врз основа на оспорениот план, до донесување одлука на Судот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлука во Одлуката за донесување План за реализација на населбата Драчево и селото Драчево (усогласување со Основниот урбанистички план на град Скопје) “Службен гласник на Град Скопје” бр.1360/69, после членот 2 се додава нов член 2а кој гласи:

На сите приземни индивидуални станбени објекти се предвидува надградба уште за еден кат и со постојниот дел ќе имаат висина П+1 кат, а на проектите кои со Планот за реализација не се дефинирани се предвидуваат 260 локации за индивидуални станбени објекти со висина П+1.

Графичкиот прилог и текстуалниот дел на Планот за реализација и за начинот и условите за надградба, се составен дел на оваа одлука, а според членот 2, Секретаријатот за урбанизам, комунални работи и сообраќај на Град Скопје, ќе обезбеди комплетна техничка документација за реализација на измените и дополнувањата од член 1 на оваа одлука.

Во членот 3 е предвидено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Град Скопје”.

Судот, исто така, утврди дека Собранието на Град Скопје, на седницата на Соборот на здружениот труд и на седницата на Соборот на месните заедници, одржани на 3 јули 1981 година, утврдиле нацрт на Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за донесување План за реализација на населбата Драчево и селото Драчево, поради усогласување со Основниот урбанистички план на град Скопје. Со заклучокот го задолжиле предлагачот да изготви предлог на Одлуката и при тоа да се имаат предвид мислењата и предлозите на Општина Кисела Вода.

Од образложението на Предлог Одлуката е видно дека Нацртот на Планот за реализација бил ставен на јавен увид во месната заедница и по него била организирана јавна расправа. Во текот на јавниот увид и јавната расправа биле ставени забелешки. Мислењата и забелешките биле разгледани од надлежниот орган и основаните забелешки биле внесени во графичкиот дел од Планот за реализација.

Од графичкиот дел на Одлуката, исто така, е видно дека улицата “Ваташа” е предвидена со овој план.

4. Во членот 23 од Законот за просторно и урбанистичко планирање 15/73, 20/73 и 45/77, кој важеше во времето на донесување на оспорениот план, е предвидено дека плановите за реализација се изработуваат за делови од населеното место, според етапите за реализација на основниот урбанистички план, а врз основа на среднорочната програма за изградба.

Според член 30 од Законот урбанистичките планови во сите фази на изработување задолжително се ставаат на јавен увид и се организира јавна расправа, а според членот 33 исто од овој закон, урбанистичките планови можат да се изменат и дополнат доколку битно се изменат економските услови според кои се донесени. И според членот 35 од Законот, измените и дополнувањата од членот 33 на овој закон, се вршат во постапка за донесување на плановите.

Тргнувајки од утврдената фактичка положба по предметот особено дека во фазата на изработување оспорената одлука односно измените и дополнувањата на Планот за реализација за населеното место Драчево и селото Драчево бил ставен на јавен увид и била организирана јавна расправа, според мислењето на Судот граѓаните можеле да дадат приговори, предлози и мислења по Планот. Според тоа тој е донесен во постапка утврдена со овој закон поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата законитост.

Во поглед на наводите во иницијативата дека поради дооформување на улицата “Ваташа” која е предвидена со оспорениот план, им се нанесува штета на сопствениците на легално изградени објекти, овој суд, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Во поглед на барањето за запирање од извршување на поединечните кати или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, со оглед на тоа што, Судот оцени дека не може да се постави пршањето за нејзината законитост, не постојат ниту основи за изрекување на ваква мерка.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.21/98)