42/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за плати, други права по основ на плата и надоместок на плата, донесен од Управниот одбор на Јавната здравствена организација – Медицински центар “Борка Талески” од Прилеп, на 4 февруари 1994 година.

2. Д-р Драган Богоевски, д-р Михаил Папазоски, д-р Луан Мифтароски и други доктори од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на член 12 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него било предвидено основната плата на работникот да се зголемува на работните места за кои од страна на Министерството за труд и социјална политика е издадено одобрение за работа со скратено работно време поради потешки услови од нормалните, со што се ограничувало правото за зголемување на платите за 5%, што не било во согласност со член 75 од Колективниот договор за здравствена дејност со член 11 од истиот Правилник и со Законот за работни односи.

3. На седницата Судот утврди дека со Правилникот се утврдуваат платите, другите примања по основ на плата и надоместоци на плата на работниците во Медицинскиот центар во Прилеп, при што платата се состои од плата за извршена работа, други додатоци на плата, плата од учество во добивка и надоместок на плата. Платата се одредува и според групите на сложеност и за секој степен на сложеност е определен коефициент.

Во оспорениот член 12 од Правилникот се предвидува основната плата на работник да се зголеми за работните места за кои од страна на Министерството за труд и социјална политика е издадено одобрение за работа со скратено работно време, поради потешки услови од нормалните услови за работа.

4. Разгледувајќи ја иницијативата Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник не е пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што Судот не е надлежен да одлучува за неговата согласност со Уставот и законите, одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.42/98)