Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 март 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 19 став 1 од Законот за управните спорови (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77 и 36/77).
2. Претпријатието “Примеко” од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидува да може да се изјави жалба, против одлуката донесена во управен спор, само во определени предмети ако е тоа предвидено со закон, што значело дека правото на жалба во управниот спор постои само во определени случаи и врз основа на закон, а не тоа право да постои во секој случај од управен спор и врз основа на Уставот бидејки во управен спор постои поединечен правен акт донесен во прв степен од суд, поради што членот 19 став 1 од Законот не бил во согласност со член 15 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека оспорената законска одредба определува против одлуката донесена во управен спор жалба да може да се изјави само ако е тоа предвидено со законот во определени предмети.
Судот, исто така, утврди дека наведената одредба од Законот порано била предмет на оцена од овој Суд. Притоа, со Решение У.бр.36/93 од 30 јуни 1993 година, одлучено е да не се поведе постапка за оценување согласноста на член 19 став 1 од Законот со член 15 од Уставот затоа што решавањето во управен спор не претставува почеток на нова (судска) постапка во која се решава во прв степен. Имено, одлуката на Врховниот суд ги нема карактеристиките на првостепен акт во смисла на член 15 од Уставот. Оттука, според мислењето на Судот, Врховниот суд на Република Македонија кога одлучува во управен спор заради обезбедување на законитоста на поединечните управни акти одлучува за еден посебен управно-судски спор за кој веќе е одлучувано во управна постапка, а сега во овој спор се обезбедува посебна контрола на законитоста на конечните акти на органите на државната управа со кои се решава за правата и обврските во поединечните управни работи.
Со оглед на тоа што законодавецот се определил Врховниот суд да одлучува во управен спор, овој орган во тоа својство обезбедува судска заштита односно контрола на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, а како највисок суд во Републиката истовремено го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.
4. Со оглед на тоа што по оспорената законска одредба Судот веќе одлучувал од наведениот аспект и со оглед на тоа што сега, според мислењето на Судот, нема основи за поинакво одлучување, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.6/98)