Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 11 март 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на:
– Член 39 став 1 од Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/90 и 11/91).
– Член 6 од Законот за градежна инспекција (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/67 и 11/91)
– Член 202 и 277 од Законот за општата управна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.17/86).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Владо Велјановски од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста на наведените членови од законите означени во точката 1 од ова решение, затоа што тие не биле во согласност со член 9, 13, 15, 26 и 51 од Уставот на Република Македонија и со член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот.
Според наводите во иницијативата на подносителот на иницијативата му бил урнат бесправно изградениот објект, а на другите лица кои исто така изградиле објект под исти услови објектите не им биле урнати.
Понатаму оспорените одредби не биле во согласност со член 13 од Уставот затоа што во конкретниот случај без да се спроведе судска постапка ниту да се донесе правосилна судска одлука бесправно изградениот објект бил срушен.
Со наведените одредби се нарушувало правото на жалба затоа што објектот бил срушен пред странката да добие одговор на поднесената жалба.
Исто така во иницијативата се наведува дека со наведените одредби се повредува начелото на неповредливост на домот односно на подносителот му е уништен домот со помош и асистенција на 15 работници и 20 полицајци без судско решение.
Оспорените одредби од законот не биле во согласност со член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот затоа што тие не биле усогласени во рок од една година.
3. На седницата Судот утврди дека во член 39 став 1 од Законот за изградба на инвестициони објекти е предвидено дека “ако градбата на објектот се изведува или е изведена без одобрение
за градба органот на наделжната инспекција без одлагање ќе нареди уривање на објектот.
Во член 6 став 1 од Законот за градежна инспекција е предвидено дека работите од делокругот на Републичката инспекција за градежништво и урбанизам ги вршат градежните инспектори.
Во став 2 од наведениот член е предвидено дека работите на надзорот инспекторите ги вршат самостојно и донесуваат решенија и превземаат мерки предвидени со постојните прописи.
Од изнесените законски одредби произлегува дека ако градбата на објектот се изведува или е изведена без одобрение, градежната инспекција која е надлежна да постапува за овие работи врз основа на решение е должна да нареди уривање на објектот.
Имајќи предвид дека овие одредби се применуваат во сите случаи кога објектот е изграден бесправно, ирелевантно е дали во конкретниот случај бесправно изградениот објект е урнат само на подносителот на иницијативата а не и на другите граѓани кои исто така бесправно го изградиле објектите поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нарушување на начелото на еднаквост утврдено во член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.
4. Понатаму Судот утврди дека во член 202 од Законот за општата управна постапка е предвидено дека врз основа на фактите утврдени во постапката органот надлежен за решавање донесува решение за работата што е предмет на постапката.
Кога за работата решава колегијален орган тој може да решава кога се присутни повеќе од половината членови а решението го донесува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со закон или со друг пропис не е определено особено мнозинство. За решавање на извршните совети важат посебни прописи.
Од наведените законски одредби произлегува дека решението во управната постапка врз основа на утврдени факти го донесува старешината на органот, а тој, пак, орган може да овласти друго лице од истиот орган да може да решава во одредени управни предмети и да го донесува решението.
Меѓутоа за разлика од ваквиот начин на донесување на решение кое се темели врз основа на утврдување на факти, во управната постапка постои и т.н. скратена постапка регулирана во член 141 од Законот за општата управна постапка каде органот донесува решение без претходно да се изведат одделни процесни дејствија кога е во прашање превземање на итни мерки во јавен интерес што не можат да се одлагаат, а фактите врз кои решението треба да биде засновано се утврдени или барем се веродостојни.
Имајќи го предвид изнесеното Судот утврди дека во конкретниов случај надлежната инспекција со донесувањето на решение за уривање на објектот не извршила повреда на наведените уставни начела.
5. Во член 277 од Законот за општата управна постапка е предвидено дека:
(1) Административното извршување го спроведува органот што решавал за работата во прв степен, ако со посебен пропис не е определен за тоа друг орган.
(2) Ако е пропишано дека административното извршување не може да го спроведува органот кој решавал за работата во прв степен, а со посебни прописи не е определен орган што е овластен за тоа, извршувањето го спроведува општинскиот орган на управата надлежен за работите на општата управа на чие подрачје се наоѓа живеалиштето односно престојувалиштето на извршеникот, ако со републички односно со покраински закон не е определена надлежност на друг орган.
(3) Административното извршување на решенијата на оние самоуправни организации и заедници што не се со закон овластени самите да ги извршуваат своите решенија го дозволува и го спроведува органот на управата надлежен за работите на општата управа на општината на чија територија се наоѓа живеалиштето односно престојувалиштето на извршеникот, ако со републички односно со покраински закон не е определена надлежност на друг орган.
(4) Органите за внатрешни работи се должни да му дадат на органот надлежен за спроведување на извршувањето, на негово барање, помош во спроведувањето на извршувањето.
Со оспорените одредби се регулира прашањето на административно извршување кое се спроведува тогаш кога предмет на извршување е непарично побарување од страна на органот кој решавал во управната работа, а во одделни ситуации органот надлежен за спроведувањето на извршување може да побара помош од органите за внатрешни работи при што во овие ситуации не е потребна судска одлука.
Од наведените законски одредби исто така не произлегува дека на граѓаните им е повредено правото на жалба гарантирано во член 15 од Уставот.
6. Судот оцени дека во конкретниот случај не може да стане збор за повреда на член 13 од Уставот според кој лицето обвинето за казново дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука поаѓајќи од фактот што во случајов не станува збор за дела кои граѓанинот може да ги стори според одредбите на Кривичниот законик туку за недопуштена изградба на објект кој подлежи на санкција според оредби на други соодветни закони.
Исто така Судот оцени дека во конкретниов случај не може да стане збор за повреда на начелото на неповредливоста на домот кој е бесправно изграден објект и треба веднаш да биде отстранет.
7. Во однос на барањето од иницијативата дека оспорените одредби од законите не се усогласени во рок од една година, Судот наоѓа дека предвидениот рок е инструктивен рок, а не преклузивен рок во кој Собранието на Република Македонија треба да ги усогласи законите. Имено, Уставниот суд на Република Македонија ја оценува согласноста на законите со Уставот а прашањето дали тие се усогласени во предвидениот рок не спаѓа во надлежност на Уставниот суд.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.219/97)