У.бр.8/1998

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 и член 51 и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 11 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Зоран Василевски од Тетово за заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

2. Зоран Василевски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на основните права наведени во точката 1 од ова решение. Според наводите во барањето, на подносителот на иницијативата не му било овозможено користење на правото на слободата на јавното изразување на мислата во фабричкиот весник “Мерџан” да го објави својот одговор по повод Соопштението дадено во весникот “Мерџан” од Претседателството на Конференцијата на Сојузот на синдикатите на ТЕТЕКС. Со оглед на тоа му било спречено користењето на гарантираните права и слободи.

3. На седницата Судот утврди дека на 20 октомври 1995 година Претседателството на Конференцијата на Сојузот на синдикатите на ТЕТЕКС издало соопштение во весникот “Мерџан” за дејствувањето на независниот синдикат “Сигурност”. На 25 ноември 1995 година подносителот на барањето, во својство на претседател на независниот синдикат доставил одговор по повод Соопштението на Претседателството на Сојузот на синдикатите на ТЕТЕКС во кој одговор ги демантира сите наводи изнесени во Соопштенитето. Меѓутоа, одговорот не бил објавен во фабричкиот весник “Мерџан” од причини што во Службата за информирање не било примено барањето за објавување на одговорот.

4. Според член 16 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според став 4 на овој член, се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.

Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека на граѓанинот му се гарантира правото на јавно изразување на мислата и правото на одговор во средствата за јавно информирање, а истовремено согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд е надлежен, покрај другото, да ги штити наведените слободи и права.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за превземање дејство со кое е сторена повреда, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање.

Од изнесената одредба произлегува дека заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот граѓанинот може да бара во определен рок односно во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт односно од денот на дознавањето за превземеното дејствие со кое е сторена повредата но не подоцна од пет години.

5. Со оглед на изнесеното Судот смета дека во конкретниов случај подносителот на барањето го пропуштил субјективниот рок од два месеци за поднесување на барање на заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот поради што постојат процесни пречки да се одлучува по барањето.

Исто така Судот наоѓа дека подносителот на барањето не може да се повикува на можноста да го користи објективниот рок од пет години со оглед на тоа што тој бил во можност да дознае и сознал во тој рок дека неговиот одговор не бил објавен во весникот “Мерџан” според тоа во тој рок од два месеци не го искористил своето право за заштита пред Уставниот суд.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.8/98)