Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 март 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на решението У.бр.106/96, донесено од Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 16 април 1997 година и решението У.бр.145/97, донесено од Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 12 ноември 1997 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Марко Тасевски од Битола, му поднесе иницијатива со која бара да се преиспита решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.106/96 од 16 април 1997 година, со кое е запрена постапката за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за донесување план за реализација на централното градско подрачје на Битола, донесена од Собранието на Општина Битола на 28 декември 1994 година, како и решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.145/97 од 12 ноември 1997 година со кое е отфрлена иницијативата на предлагачот за преиспитување на решението У.бр.106/96 од 16 април 1997 година. Како причина за преиспитување ја наведува околноста што доносителот на оспорениот акт доставил доказ дека оспорената одлука била објавена во “Службен гласник на Општина Битола”дури по поднесувањето на иницијативата за преиспитување на решението У.бр.106/96 од 16 април 1997 година, така што Судот го немал во предвид овој доказ при одлучувањето по предметот У.бр.106/96. На овој начин и предлагачот бил ставен во нерамноправна положба бидејќи не му била дадена можност да се произнесе пред Судот во врска со овој нов доказ. Понатаму наведува дека се уште се употребуваат графичките прилози на деталниот урбанистички план кој бил укинат со одлука на Уставниот суд и дека останува при сите наводи од иницијативата по повод која Судот одлучувал во предметот У.бр.106/96.
3. Судот на седницата утврди дека со наводите во иницијативата не се изнесуваат нови факти и околности кои би влијаеле за донесување поинаква одлука, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.2/98)