22/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 11 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/97).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на:

– член 61 став 3 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 14/95);

– член 24 од Законот за преструктуирање на претпријатијата кои во своето работење искажуваа загуби (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/95 и 65/95).

3. На Уставниот суд на Република Македонија Здружението на граѓаните-технолошки вишок од Пробиштип му поднесе иницијатива за оценување уставноста на означените членови од законите наведени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорените членови инвалидите на трудот кои се прогласени како технолошки вишок, а кои биле во работен однос во претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби се ставени во нерамноправна положба во однос на инвалидите на трудот на кои им престанал работниот однос поради стечај или ликвидација. Имено инвалидите на трудот на кои им престанал работниот однос поради стечај или ликвидација правото на паричен надоместок го добиваат континуирано до ново вработување или остварување на право на пензија, а додека инвалидите на трудот кои се прогласени за технолошки вишок тој надоместок го добиваат за време од три години.

4. На седницата Судот утврди дека во член 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/97) е предвидено дека на инвалидите на трудот на кои паричниот надоместок од член 61 став 3 на овој закон престанал да се исплатува поради истекот на времето од три години, користењето на овој надоместок им се обезбедува од денот на влегувањето во сила на овој закон под услови и начин утврдени со овој закон.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колкективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека со закон се определува правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, почитувајќи го притоа начелото на социјална праведност.

Со оглед на изнесеното Судот смета дека со оспорената одредба се овозможува инвалидите на трудот кои поради стечај или ликвидација им престанал работниот однос да го користат правото на паричен надоместок до ново вработување или до исполнување на условот за пензионирање, согласно условите и начинот утврден со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека оспорената законска одредба не е во несогласност со Уставот.

5. Понатаму е утврдено дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.279/95 и 359/95 од 19 мај 1997 година го укинал членот 7 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кој член всушност е изменет членот 61 став 3 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија со образложение дека со наведената одредба со која е предвидено инвалидот на трудот со преостаната работна способност да има право на паричен надоместок најмногу за време од три години не се обезбедува начелото на социјална сигурност и социјална праведност.

Со оглед на тоа што Судот го оценувал оспорениот член одлучи како во точката 2 од ова решние.

6. Исто така Судот утврди дека во членот 24 од Законот за претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуба е предвидено дека инвалидот на трудот на кој му престанува работниот однос поради преструктуирање на претпријатието има право и на паричен надоместок во траење од три години во висина од 20% од просечната плата по вработен во стопанството на Републиката на товар на средствата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Во членот 32 од Законот за претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби е предвидено дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува до 31 декември 1995 година.

Имајќи во предвид дека оспорениот закон имал времен карактер и престанал да важи на 31 декември 1995 година односно тој веќе не е во правниот поредок на Република Македонија Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.22/98)