У.бр.236/1997

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 февруари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за заедничките основи и мерила за самоуправно уредување на односите во стекнувањето и распоредувањето на доходот и чистиот доход и распределбата на средствата за лични доходи и заедничка потрошувачка и други лични примања на работниците во Централното основно училиште “Маршал Тито” – село Арачиново, усвоен на референдум одржан на 25 јуни 1987 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Миљазим Аземи и други професори од Центаралното основно училиште “Маршал Тито” во село Арачиново, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорениот правилник бил неуставен и не можел да опстојува во новиот уставен поредок на Република Македонија и новиот начин на финансирање и распоредување на средствата за плати од страна на Министерството за образование и физичка култура односно во ова училиште не се применувале елементите за пресметка на платите и другите надоместоци за вработените утврдени од ова министерство.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорениот правилник работниците на Основното централно училиште “Маршал Тито” во село Арачиново ги утврдуваат основите и мерилата за самоуправно уредување на односите во стекнувањето и распоредувањето на доходот и чистиот доход и распределба на средствата за лични доходи и заедничка потрошувачка и други лични примања на работниците. Понатаму, со оспорениот правилник се разработени основите и мерилата за стекнување на доходот и за распределба на средствата за лични доходи. Составен дел на Правилникот е Прегледот (табеларен преглед) за вреднување на работите и работните задачи изразени во бодови.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник не е пропис во смисла на член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за неговата согласност со Уставот и законите.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата д-р Никола Крлески кој го заменува претседателот и судиите Бахри Исљами, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.236/97)