У.бр.115/1997

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 февруари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 58 точка 3 од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија (“Сл. Весник на Република Македонија” бр.20/95 и 33/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Душко Петровски од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што ги овластувал органите на државната управа да водат одредена казнена постапка против граѓаните и да изрекуваат санкции за сторените кривични дела, што не било согласно со Уставот и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 58 точка 3 од Деловникот за решавање во управна постапка во втор степен, Владата образува Комисија за решавање на управни работи во втор степен од областа на урбанизмот и градежништвото.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Исто така, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај Судот веќе изразил став според кој органите на државната управа не се овластени да водат одредена казнена постапка против граѓаните и да изрекуваат санкции за сторените казниви дела, односно се произнел по спорното правно прашање, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

Тоа, пак, што во иницијативата како несогласна со Уставот и со закон се посочува точката 3 од член 58 од Деловникот на Владата, според која за решавање во управна постапка во втор степен Владата образува Комисија за решавање на управни работи во втор степен од областа на урабнизмот и градежништвото, според оценката на Судот нема правен основ од причина што во конкретниот случај не станува збор за водење на одредена казнена постапка против граѓаните и изрекување на санкции за сторените казниви дела, туку за решавање во управни работи од втор степен од страна на Комисијата на Владата, против чие решение може да се поведе управен спор пред надлежниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од д-р Никола Крлески, кој го заменува претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.115/97)