Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 февруари 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/98);
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување согласноста на член 141 став 2 од законот означен во точката 1 на ова решение со членот 2 став 2 од истиот закон и членот 10 став 2 алинеја 2 од Законот за судовите.
3. Трајан Стоев, адвокат од Гостивар и д-р Богољуб Златански од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста како и меѓусебната усогласеност на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 на ова решение. Имено, со овие иницијативи се оспорува членот 141 став 2 од Законот за парничната постапка затоа што со него се вршела дискриминација на граѓаните по основ на нивната имотна состојба и се оневозможувало на граѓаните со послаба имотна состојба да ги остваруваат односно заштитуваат своите права и правни интереси пред судовите, а со тоа и да го заштитуваат правото на сопственост, како едно од правата што ги гарантира Уставот, поради што оспорениот член не бил во согласност со членовите 9, 30, 50 и 54 од Уставот.
Исто така, овој член од Законот се оспорува и од аспект на неговата согласност со членот 2 став 2 од Законот за парничната постапка, како и членот 10 став 2 алинеја 2 од Законот за судовите.
4. На седницата Судот утврди дека во членот 141 став 2 од Законот за парничната постапка е предвидено дека судот нема да постапува по тужба, ниту да презема друго дејствие за кои не е платена такса.
5. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Во членот 1 од Законот за судските такси (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/90, 11/91, 65/92 и 20/95) е утврдено дека пред судовите во Република Македонија се плаќаат судски такси според одредбите на овој закон и таксената тарифа, која е составен дел на овој закон, а додека според членот 9 став 1 од овој закон судските такси се приход на Републичкиот буџет.
Во членот 4 став 1 и 2 точките 1 и 7 од наведениот закон, е предвидено дека за поднесоците, какви што се сметаат и тужбите, таксената обврска настанува кога тие се предаваат, а за поднесоците предадени на записник – кога записникот е завршен, додека за другите дејствија таксената обврска настанува кога ќе се побара нивното преземање, односно кога судот ќе почне да постапува.
Во однос на ослободувањето од плаќање судски такси решението од членот 14 од овој закон предвидува дека судот ќе ја ослободи странката од оваа обврска ако со плаќањето на судските такси значително би биле намалени средствата од кои се издржува странката и членовите на нејзиното семејство. Одлуката за ослободување ја донесува првостепениот суд на предлог на странката, а во член 15 е предвидено дека решението за ослободувањето од плаќање на судски такси може да го укине судот ако утврди дека странката е во состојба да ја плати таксата, при што судот исто така ќе одлучи дали странката во потполност или делумно ќе ја плати таксата од која била претходно ослободена.
Од наведеното произлегува дека согласно овластувањето од Уставот на Република Македонија судските такси, како вид на јавна давачка, се утврдени со Законот за судските такси, во кој е определено за што се плаќаат таксите, кој ги плаќа, кој е ослободен од плаќање, начинот и постапката за наплата на неплатената такса и сл., односно се определени сите битни елементи за овој вид на јавна давачка.
Од друга страна, пак, исто така, согласно овластувањето од Уставот (член 98 став 5), со Законот за парничната постапка се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судовите расправаат и одлучуваат во граѓанско-правните односи на физичките и правните лица. При тоа, во рамките на уредувањето на правилата, во
Глава единаесетта од овој закон посебно се уредени трошоците на постапката, односно парничните трошоци кои се сторени во текот или по повод постапката. Согласно одредбите од оваа глава, како парнични трошоци, меѓу другите, се сметаат и судските такси за кои важи правилото утврдено во член 141 став 1 од овој закон, според кое секоја странка претходно сама ги поднесува трошоците што ги предизвикала со своето дејство, што значи секоја од странките однапред ги поднесува и трошоците за платените судски такси што неа ја товарат.
Меѓутоа, во оспорениот став 2 на член 141 од Законот пропишано е правило на однесување на Судот во случај кога странката нема платено судска такса за тужба или за друго дејствие, а тоа е дека во овие случаи судот нема да постапува по тужбата ниту да презема друго дејствие за кое не е платена судска такса.
Со оглед дека обврската за плаќање на судските такси на странките во парничната постапка за тужба и други дејствија е востановена со Законот за судските такси, според мислењето на Судот со оспорената одредба од Законот за парничната постапка не се создава нееднаквост на граѓаните по основ на нивната имотна состојба при остварувањето и заштитата на со Устав утврдените слободи и права пред судовите, затоа што оваа одредба според својата формулација и нормативна содржина е единствена за сите граѓани и односот на судот е еднаков спрема сите граѓани кои не ја платиле судската такса за тужба или за друго дејствие што треба да го преземе судот, без оглед на нивната имотна положба.
Друго е прашањето што примената на оспорената одредба од Законот, како впрочем и примената на одредбите од Законот за судските такси, може да се одрази и да предизвика фактичка нееднаквост на граѓаните, но во тој случај основа за нееднаквост не е нормата на оспорената одредба, но фактичката економска моќ на граѓаните.
Поткрепа на тоа дека со оспорената одредба од Законот не се повредува принципот на еднаквост на граѓаните во поглед на со Устав загарантираната можност од член 50 став 1 да се повикаат на заштита на нивните слободи и права, а во тие рамки и на заштитата на правото на сопственоста, пред судовите во постапка заснована на начелата на приоритет и итност, според мислењето на Судот е и односот на оваа одредба со членот 2 став 2, како и со членовите 158 до 163 од овој закон.
Имено, според член 2 став 2 од Законот, судот неможе да одбие да одлучува по барање за кое е надлежен, а додека според член 158 судот ќе ја ослободи од плаќање на трошоците на постапката странката која според својата имотна состојба не е во можност да ги поднесува овие трошоци без штета на нужна издршка своја и на своето семејство (став 1), а кое ослободување, меѓу другите трошоци, го опфаќа и ослободувањето од плаќање на судски такси (став 2), со тоа што судот може да ја ослободи странката само од плаќање на судски такси доколку со плаќањето на овие такси значително би биле намалени средствата од кои се издржуваат странката и членовите на нејзиното семејство (став 3). Според член 159 од Законот одлуката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката ја донесува првостепениот суд по пре длог на странката, што значи дека странката предлогот за ослободување може да го поднесе во текот на целата постапка.
Преку пропишувањето дека странката може да биде ослободена од плаќање на трошоците на постапката законодавецот сакал остварувањето, односно заштитата на правата пред судот да ја направи еднакво достапна за сите граѓани, независно од нивната материјална положба, односно и лицата со слаба имотна состојба да можат да ја остваруваат судската заштита на своите права, што не би можеле доколку тие треба однапред да ги поднесуваат трошоците на постапката.
Оттука, според мислењето на Судот, доколку странката поднесе предлог за ослободување од судските такси во смисла на член 158 став 3 од Законот, и во врска со овој предлог судот донесе решение за ослободување, во таков случај се исклучува примената на одредбата од оспорениот став 2 на член 141 од Законот и судот нема основ да не постапува по тужбата или да не преземе дејствие за кое не е платена судската такса.
Во контекст на горе наведеното, оспорената одредба од Законот треба да се сфати дека таа само по себе не е доволна да го ослободи судот од обврската да ја прими тужбата на странката или предлогот за преземање на друго дејствие, или судот да одлучи да ја отфрли тужбата или да го одбие тужбеното барање, само затоа што не е платена судската такса, со оглед дека основ за ова не постои во ниеден член од Законот, но суштината на оваа одредба е само одлагање на постапувањето на судот до исполнување на законската обврска на странката која не е ослободена од плаќање на судските такси. Или со други зборови, целта на оспорената одредба не е создавање нееднаквост и дискриминација на граѓаните во поглед на остварување на правото на судска заштита на нивните права и правни интереси, но таа е израз на настојувањата да се пронајде поефикасен инструментариум, од оној предвиден во Законот за судски такси за наплата на судските такси, како јавна дава чка, а со цел да се отстранат и оневозможат негативните последици што се јавуваат во практиката во врска со нивното наплатување, па макар тоа било и во постапката за присилна наплата на судските такси.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 141 став 2 од Законот за парничната постапка со членовите 9, 30, 50 и 54 од Уставот.
6. Што се однесува до наводите во иницијативата поднесена од Стоев Трајан, според кои член 141 став 2 од Законот за парничната постапка не бил во согласност со членот 2 став 2 од истиот закон, како и со член 10 став 2 алинеја 2 од Законот за судовите, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Судот не е надлежен да одлучува за меѓусебната усогласенот на одредбите од законите, ниту за согласноста на закон со друг закон.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.221/98 и У.бр.10/99
24 февруари 1998 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков