151/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 февруари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 став 2, точка 11 став 1 и член 29 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 37 точка 1 и 2 од Законот за здравствена заштита.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Станимир Ангеловски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Законот за здравствена заштита означени во точката 1 од ова решение затоа што со нив се воведувало задолжително здравствено осигурување по основ на начелото на заемност, а не само на солидарност, што не било во согласност со Уставот.

На Уставниот суд на Република Македонија Сојузот на синдикатите на Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 37 точка 1 и 2 од Законот за здравствена заштита означен во точката 2 од ова решение, затоа што со него користењето на здравствената заштита од задолжителното осигурување се условувало со поседување доказ за уплатен придонес, што не било во согласност со хуманизмот, социјалната правда и солидарноста како темелни начела на Уставот.

4. На седницата Судот утврди дека во член 3 став 2 од Законот заради остварување на одредени права во случај на болест и повреда и други права од здравствената заштита утврдени со овој закон, врз начелата на заемност и солидарност, се установува задолжително здравствено осигурување.

Во член 11 став 1 се утврдуваат видовите на основна здравствена заштита, што се обезбедуваат со задолжителното осигурување, врз начелата на заемност и солидарност.

Во член 29 се утврдува дополнително задолжително осигурување во случај на повреда на работа и професионално заболување на осигурениците во работен однос или служба како и на неземјоделци што вршат дополнителна земјоделска дејност и на оние што осигуруваат повеќе од четири члена на семејството.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека гарантираното право на здравствена заштита на граѓаните, како едно од социјалните права на човекот на граѓанинот се остварува под услови, на начин и во постапка утврдени со закон и со колективен договор врз начелото на социјална праведност. Грижата за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните, во конкретниот случај правото на здравствена заштита, Републиката ја остварува со донесување на нормативни акти со кои ги утврдува изворите на средствата за остварување на ова право и начинот на плаќањето со цел сите граѓани под еднакви услови да го остварат ова право и под еднакви услови да го сносат товарот на обезбедувањето на средствата.

Во согласност со тоа, воведувањето на задолжителното здравствено осигурување како систем на односи во задоволувањето на здравствените потреби на граѓаните и нивната подеднаква одговорност и обврска за чување на здравјето на луѓето, произлегува од член 39 став 2 на Уставот, поради што и не може да се постави пршањето за согласноста на оспорените одредби од законот со Уставот.

5. Во член 37 став 1 е предвидено дека правата од задолжителното здравствено осигурување во рамките на обемот на правата утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на него, осигуреникот и членовите на неговото семејство ги остваруваат врз основа на здравствена легитимација и доказ дека придонесот за здравствено осигурување е платен. Според став 2 на овој член здравствената легитимација и доказот од став 1 ги издава Фондот за здравствено осигурување.

Уставниот суд со решение У.бр.23/96 од 13 март 1996 година не повел постапка за оценување уставноста на член 37 од Законот односно неговите измени (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/95).

Поради тоа, а со оглед на тоа што не наоѓа причини за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.151/97)