174/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 февруари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополна на Деталниот урбанистички план на град Гостивар-централно подрачје, донесена од Советот на општина Гостивар на 19 јуни 1997 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ристовски Томче, Реџепи Иса и други од Гостивар, му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што не била спроведена јавна анкета во врска со измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на град Гостивар и што со неа доаѓало до неминовно прекинување на продолжената сообраќајница која минува низ КП.1185 северно од постоечкиот објект на Ул. “Коча Ѕоѕи”. Од тие причини подносителите на иницијативата сметаат дека корекцијата на планот не била во општ интерес на граѓаните што живеат на оваа улица како и на урбаното планирање на центарот на градот, затоа што улицата останувала само слепа сообраќајница.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се вршат измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план нацентралното подрачје на град Гостивар врз основа на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.171/95 од 6 март 1996 година и дека измените всушност се однесуваат на запазување на постојниот објект на Ул. “Коча Ѕоѕи” бр.93, сопственост на Ѓуровски Стојан, како и запазување на дворното место на овој објект, а новопредвидената улица што преминува преку истата се укинува и останува слепа сообраќајница до западната граница на дворното место со тоа што едновремено, на постојниот објект на северна страна се предвидува доградба до границата на дворното место.

Останатиот дел од одлуката содржи одредби според кои: графичките прилози се нејзин составен дел; се регулира чувањето на Одлуката за измена и дополна на Деталниот урбанистички план и се предвидува начинот на нејзиното стапување во сила.

4. Согласно член 17 став 3 од Законот за просторното и урбанистичко планирање по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета.

Во ставот 5 на член 17 од Законот, меѓу другото, е предвидено дека јавната анкета по деталниот урбанистички план, ја организира општината, односно градот Скопје.

Согласно член 18 став 1 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтерсираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата.

За јавната анкета, според член 18 став 3 од Законот, Министерството надлежно за работите на урбанизмот, изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува до советот на општината.

Како што се гледа од наведените одредби, определувајќи ја постапката при донесувањето на деталните урбанистички планови, законодавецот предвидел советот на општината да организира јавна анкета која трае најмалку 15 дена, во кој рок, заинтересираните граѓани доставуваат писмени забелешки (исклучена е дискусијата на поранешната јавна расправа) до организаторот на анкетата, а Министерството за урбанизам е должно да изготви извештај со образложение за неприфатените забелешки кои, заедно со предлог планот, ги доставува до советот на општината на усвојување.

Од изнесеното произлегува дека Советот на општината, постапувајќи по одлуката на Судов спровело јавна анкета по Планот со негово излагање во зградата на Советот на општина Гостивар, што траело 15 дена по истата од заинтересираните граѓани биле доставени забелешки до Минстерството за урбанизам-подрачна единица Гостивар извештајот со неприфатените забелешки го доставила до советот на општината.

Понатаму, постапувајжи согласно одредбата од член 22 став 3 и став 6 од Законот според која, во зависност од просторот кој е предмет на планирање, деталниот урбанистички план може да се спроведе само по издавањето на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, Општината обезбедила и таква согласност од Министерството во која, измените и за измени и дополнувањата на Деталниот урбанистички план се совпаѓаат со извршените измени на Планот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорената одлука за измена и дополна на Деталниот урбанистички план е согласна со Уставот и со Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

5. Што се однесува до наводите во иницијативата дека Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план била донесена врз основа на “историска норма”, Судот утврди дека во преамбулата на истата доносителот се повикува на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, но од текстот на Одлуката произлегува дека истата е донесена согласно Законот за просторното и урбанистичкото планирање кој е во сила, односно дека станува збор за техничка грешка во преамбулата, какво што појаснување даде и доносителот на актот, односно Советот на општина Гостивар.

6. Во врска со барањето Судот, до донесување на конечна одлука да ги запре од извршување поединечните акти и дејства донесени, односно преземени врз основа на оспорениот закон, согласно член 27 од Деловникот на Судот, оцени дека не се исполнети условите за изрекување на ваква мерка.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.174/97)