У.бр.14/1998

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 февруари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Решението за локација бр.08-251/4 од 17 мај 1995 година, издадено од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Отсек за урбанизам и градежништво од Македонски Брод.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Страшо Блажески од Македонски Брод му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, поради тоа што со издадената локација за изградба на гаража се нарушувал урбанистичкиот план, а воедно објектот ја попречувал функцијата на соседниот објект.

3. Судот на седницата утврди дека со решението за локација се издава локација бр.08-251/4 на Душан Дабески од Македонски Брод за изградба на гаража на ул. “Поречка” бр.3 населба “Расадник” – Македонски Брод, урбана единица бр.1 според графички прилог во мерка 1:500, кој е составен дел на решението. Понатаму во решението се содржани архитектонско-урбанистичките услови и условите за изработка на техничка документација. Исто така во решението е нагласено дека без претходно добиена урбанистичка согласност, надлежниот орган нема да изврши обележување на објектот на терен и нема да издаде одобрение за градење, како и дека решението има важност една година од денот на издавањето.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека оспореното решение за локација не претставува акт во смисла на член 110 од Уставот, туку дека станува збор за управен акт за чија законитост не е надлежен да одлучува Уставниот суд. За евентуална повреда на законитоста надлежен е да одлучува Врховниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.14/98)