136/1997-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3.12.1997 и 11.02.1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 1 под А точка 2 од Одлуката за утврдување цените на услугите за користење и одржување на објектите, инсталациите и платото во рамките на границата на опфат на граничните премини во Република Македонија со кои стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.7/97 и 54/97).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 1 под А точка 1 и уставноста на член 3 од Одлуката за утврдување цените на услугите за користење и одржување на објектите, инсталациите и платото во рамките на границата на опфат на граничните премини во Република Македонија со кои стапанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.7/97 и 54/97).

3. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето Судот да го запре извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на оспорената одредба од одлуката означена во точката 1 од ова решение.

4. На Уставниот суд на Република Македонија Велика Ангеловска и Стамен Филипов од Скопје му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на чл.1 под А точки 1, 2, 3 и 4 и член 3 од основниот текст на одлуката означена во т. 1 од оваа решение затоа што не биле во согласност со Уставот и со закон.

По поднесувањето на иницијативите Управниот одбор на Јавното претпријатие донело Одлука за изменување и дополнување на означената Одлука (“Службен весник на Република Македонија” бр.54/97) во која како предмет на оспорување се останати само одредбите од одлуката означена во т. 1 и 2 од ова решение.

Со иницијативите член 1 под А т.1 се оспорува затоа што надоместокот за одвезување и депонирање на сметот што се создава на граничните премини бил недопуштен затоа што граѓаните за таа намена плаќаат надоместок на јавните комунални претпријатија во општините на чие подрачје се наоѓа граничниот премин. Член 1 под А т.2 се оспорува затоа што надоместокот за одржување на хигиена од фреквенција на патници и возила на граничниот премин како јавен објект нема основ во конкретна услуга што им се дава на граѓаните, туку претставува облик на јавна давачка за финансирање на потребите на државата, а таа не може да се воведе со друг пропис освен со закон.

Член 3 од Одлуката се оспорува затоа што со него било предвидено Одлуката да влезе во сила со денот на објавувањето, а не најрано осмиот ден од денот на објавувањето.

5. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука Јавното претпријатие утврдило повеќе видови услуги што ги врши на граничните премини по барање односно овластување од Владата на Република Македонија и Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина и ги утврдило цените за тоа.

Во оспорениот член 1 под А т.2 од одлуката е утврден надоместок за одржување на хигиена од фреквенција на домашни возила при излез од Република Македонија и странски возила при влез во Република Македонија во износ од 20 до 200 ден. односно од 1 до 10 ДЕМ, во зависност од видот на возилото. Надоместокот го плаќаат лицата што управуваат со возилата.

Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 27 став 2 од Уставот секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката.

Во член 29 од Законот за комуналните услуги (“Службен весник на РМ” бр.45/97) е предвидено дека плаќањето на комуналната услуга за одржување на хигиена во градски и други населби се врши во ден/м2 како мерна единица.

Со Законот за преминувањето на државната граница и за движење во граничниот појас (“Службен весник на РМ” бр.36/92, 66/92, 12/93, 31/93 и 11/94) е уреден начинот на преминување на државната граница и обврската за контрола на преминувањето од страна на Министерството за внатрешни работи која, според член 5 од овој закон, опфаќа утврдување на исправноста на патната исправа и на идентитетот на лицето, како и преглед на лицето и превозното средство. Посебни одредби за одржување на граничните премини овој закон, како ни Законот за комунални дејности, не содржи.

Уставниот суд на Република Македонија тргнува од тоа дека граничните премини несомнено претставуваат објекти во јавна употреба, односно јавно добро и дека затоа Републиката има право и должност да се грижи за нивното функционирање. Притоа, не е спорно дека доколку граничните премини се опремени со пропратни комунални објекти наменети за давање одредени услуги на граѓаните и другите субјекти, а кои не се врзани со условите за преминување на границата (паркинг простори и сл.) е допуштено наплатување на тие услуги од страна на претпријатието што стопанисува со нив, а кои граѓанинот во основа ги користи по слободен избор. Оттаму, за оценувањање на оспорената одредба е важно да се идентификува природата на надоместокот од фреквенција на возила, односно услугата и во чиј интерес таа се дава.

Според мислењето на Судот, јавниот карактер на граничниот премин и јавно-правниот карактер на контролата на преминот на државната граница го идентификува оспорениот надоместок како давачка со која се намирува јавен расход, а не како надоместок со кој се плаќа конкретна услуга, како што и не може да се определи за одржување на било кој јавен простор или објект. Граничниот премин е објект на државата воспоставен заради остварување на нејзините функции, па и неговото одржување, вклучително и хигиената, е нејзин интерес и функција и не може да се сведе на услуга на граѓаните, која инаку се плаќа по м2, а не по лице. Со оглед на тоа што јавните давачки можат да се воведат само со закон, пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 33 од Уставот.

Исто така, Судот оцени дека задолжителноста на надоместокот при преминување на државната граница се јавува како услов, а со тоа и како ограничување на слободата на преминувањето на државната граница. Поради тоа Судот оцени дека може да се постави прашањето за соглансоста на оспорената одредба и со член 27 став 2 од Уставот и со Законот за преминување на државната граница и движењето во граничниот појас.

6. Според член 26 од Законот за комуналните дејности, а во врска со наведениот член 29 од Законот, средствата за вршење на комунални дејности се обезбедуваат и од цената на комуналната услуга.

Со оглед на тоа што ЈП ја врши комуналната услуга – собирање и одвезување на смет од корисниците на обејктите што се лоцирани на граничните премини, Судот оцени дека утврдувањето на цената на таа услуга во оспорената одредба од одлуката не е во несогласност со Законот. Притоа, наводот во иницијативата дека со овој надоместок граѓаните се двојно оптоварени е неоснован затоа што обврзници на оспорениот надоместок не се граѓаните, туку имателите на објекти на граничниот премин.

7. Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Согласно став 3 на овој член законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

За другите прописи Уставот не утврдува посебен период на време од објавувањето до влегувањето во сила.

Со оглед на тоа што во член 3 од одлуката е предвидено таа да влезе во сила по објавувањето, а не пред тоа, Судот оцени дека тој член не е во несогласност со член 52 став 1 од Уставот.

8. Судот ги разгледа наводите во барањето за запирање на извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на оспорените одредби од Одлуката, но оцени дека со нивното извршување не може да настанат тешко отстранливи односно неотстранливи последици, поради што одлучи да не го уважи.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.136/97)