Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 февруари 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на надоместок за изнесување и депонирање на смет, донесена од Советот на општина Долна Бањица на 11 ноември 1997 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Алија Невзат идруги од општина Долна Бањица – Гостивар, му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што била донесена од советот на општината, а не од јавно претпријатие за вршење на комунални дејности, поради што била несогласна со Уставот и со закон.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се утврдува цената за изнесување и депонирање на смет од станбените, деловните и други корисни површини во општината Долна Бањица, во смисла што за изнесување на смет, цената изнесува 100 денари по домаќинство, односно 150 денари по деловен објект.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.
Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука, Судот оцени дека таа не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, бидејќи со неа не се уредуваат односи на општ начин, туку се утврдуваат цени за одделни комунални услуги (изнесување и депонирање на смет), поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.237/97)