105/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од
Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на
Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на
седницата одржана на 4 февруари 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 90 став 2 од Законот за локалната самоуправа
(“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во
“Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.105/97 од 19
ноември 1997 година поведе постапка за оценување уставноста на член 90 став 2
од Законот за локалната самоуправа затоа што се постави прашањето за неговата
согласност со член 7 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека во член 90 став 2 од Законот за
локалната самоуправа е предвидено во единиците на локалната самоуправа во кои
во значителен број живеат граѓани, припадници на националноста, имињата на
населените места, натписите на јавните служби и установи, натписите на
претпријатијата и другите јавни натписи, да се пишуваат на македонски јазик и
неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на националноста која е во
значителен број, ако така одлучи советот на единицата на локалната самоуправа.

Според член 90 став 1, употребата на јазикот на националноста во
истиве случаи е задолжителна, ако во единицата на локалната самоуправа
националноста е во мнозинство.

5. Според член 7 став 3 од Уставот во единиците на локалната
самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите,
во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо се и јазикот
и писмото на националноста, под услови и на начин утврден со закон.

Во член 115 став 3 од Уставот е предвидено дека Републиката може со
закон да довери вршење на определени работи на општината.

Оспорената одредба од законот ги утврдува случаите под кои е
дозволена службена употреба на јазиците на националностите, но со упатувањето
дека тие ефективно ќе доведат до право на употреба на јазикот само ако така
одлучи советот на општината, станува неодредена правна норма која не само што
не го решава прашањето на употребата на јазиците и писмото на националностите,
туку и го менува нормативното ниво на уредување на тоа прашање. Од една страна
оспорената одредба од Законот остава простор употребата на јазиците на
националностите што во општината живеат во значителен број да зависи од волјата
на мнозинството членови на Советот, па и да доведе до ситуација во различни
општини со слична национална структура за тоа прашање да биде одлучено на
спротивен начин. Од друга страна Судот смета дека, според член 7 став 3 од
Уставот, уредувањето на прашањето на службената употреба на јазиците на
националносите е исклучиво во надлежност на законодавната власт и тоа не може
да се делегира на советот на општината по ниеден основ, па ни по основ на член
115 од Уставот кој може да претставува основ за пренесување на одредени извршни
или управни оперативни функции, но не и основ за пренесување на законодавни
надлежности. Поради тоа, Судот утврди дека оспорениот член 90 став 2 од Законот
не е во согласност со член 7 став 3 од Уставот, поради што одлучи како во
точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука во став 1 Судот ја донесе во состав од претседателот
на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга
Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф
Талевски. (У.бр.105/97)