Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28.01.1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 4 од Законот за обезбедување средства во форма на кредит за предвремена исплата на дел од побарувањата на граѓаните по основа на штедни влогови (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/97).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.166/97 од 11 ноември 1997 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 4 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. На седницата Судот утврди дека со Законот се утврдуваат обемот и изворите за обезбедување средства во форма на бескаматен кредит што го дава државата преку кој би се извршила предвремена исплата на штедните влогови на граѓаните од штедилниците “ТАТ”, “АЛФА С” и “ЛАВЦИ” според определени услови, потоа рокот на враќање на кредитот и техниката на исплатата.
Во оспорениот чл.4 ст.1 и 2 од Законот, се утврдува дека за штеден влог поголем од 1.350.000,00 ден. правото на предвремена исплата според овој закон се остварува со претходно докажување на потеклото на средствата депонирани во штедилницата со документи од определен вид што се поднесуваат до стечајниот управник.
5. Според член 9 став 1 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од, меѓу другото, имотната положба, а согласно став 2 на овој член тие се еднакви пред Уставот и законите.
Со оглед на тоа што во оспорениот член 4 од Законот е пропишано дека за остварување на правата од законот штедачите чиј штеден влог е повисок од 1.350.000,00 денари треба да го докажуваат потеклото на штедниот влог, иако се во иста положба со другите штедачи во поглед на критериумите за примена на Законот, Судот оцени дека со тоа се создава нееднаквост помеѓу штедачите по основ на имотната положба, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.166/97)