Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 28 јануари 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за преотстапување на утринското земјиште (Чаири) од Република Македонија на населените места (населби) во Општина Кривогаштани, донесена од Советот на општина Кривогаштани на 9 јуни 1997 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Владата на Република Македонија со решение У.бр.159/97 од 26 ноември 1997 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што таа не била во согласност со Уставот, Законот за заштита и користење на земјоделско земјиште, Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал и Законот за локалната самоуправа.
3. На седницата Судот утврди дека во член 1 од одлуката е предвидено дека се поништува поранешната одлука за користење на утринското земјиште од страна на земјоделските комбинати, задруги и други организации донесена од страна на поранешната општина Кривогаштани.
Во член 2 е предвидено дека недвижните имоти под име утрини – чаири кои се присилно одземени не само во Обршани, ами и во целата општина Кривогаштани – да им се вратат на поранешните сопственици – населените места – Обршани, Пашино, Рувци, Крушеани, Бела Црква, Кривогаштани, Врбјани, Славеј, Кореница, Ѓодивје и Боротино.
Во член 3 е предвидено одлуката да влегува во сила осмиот ден од објавувњето во “Службен гласник на општина Кривогаштани”.
4. Според член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Во согласност со член 115 став 1 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење во областите утврдени со Уставот и со закон. Според ставот 2 на овој член, општината е самостојна во вршењето на надлежноста утврдена со Уставот и закон, а надзорот врз законитоста на нејзината работа го врши Републиката, а според ставот 3 од овој член на Уставот, Републиката со закон може да довери вршење на определени работи на општината.
Според член 17 став 1 точка 27 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95), единиците на локалната самоуправа самостојно вршат одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје во согласност со закон.
Според член 29 став 1 точка 5 од наведениот закон советот на единицата на локалната самоуправа врши одделни овластувања во согласност со закон врз добрата во општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје кога вршењето и е доверено со закон.
Според член 1 од Законот за заштита и користење на земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/86, 51/88, 15/90, 28/91, 36/91, 83/92 и 62/93) земјоделското земјиште како добро од општ интерес ужива посебна заштита и се користи во согласност со општите услови и со другите општи интереси предвидени со овој закон, со кои се обезбедува негово рационално користење.
Во член 2 од законот е предвидено дека под земјоделско земјиште се подразбира ниви, градини, овоштарници, лозја, ливади, пасишта, трстици, како и неплодно земјиште што може да се оспособи за земјоделско производство.
Според член 3 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/93 и 48/93) трансформацијата според овој закон не се врши на претпријатија и други правни лица кои стопанисуваат со водите, шумите, земјиштето и други јавни добра, со становите и деловните простории.
Со Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/96) се уредуваатг правата и должностите на Република Македонија, правните и физичките лица во обезбедувањето услови за заштита и унапредување на животната средина и природата, заради остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. Според член 5 од овој Закон, поблиските услови за заштита и унапредување на животната средина и природата и здравјето на луѓето се пропишуваат со закон. Сите природни богатства, објекти и делови на природата за кои со научни и стручни истражувања е утврдено дека имаат особено значајни природни вредности, уживаат посебна заштита, во согласност со условите, начинот и постапката пропишани со овој закон, другите закони и меѓународни конвенции и договори. Ингеренциите во заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, со одредбите на овој закон, е во надлежност на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, Заводот за заштита и унапредување на животната средина и природата, Владата на Република Македонија и другите субјекти утврдени во Законот. Посебни овластувања за единиците на локалната самоуправа, во смисла на уредување на прашањата со оспорената одлука, овој закон не содржи.
Тргнувајќи од анализа на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека ливадите и пасиштата како земјоделско земјиште, се добра од општ интерес за Републиката, дека начинот и условите на нивното користење се уредува со закон, дека општината може да врши одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје во согласност со закон.
Според член 5 од Законот за трансформација на претпријатијта и задругите со општестен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/96) трансформацијата според овој закон не се врши на земјоделско земјиште во сопственост на Република Македонија.
Според член 17 од наведениот закон претпријатијата односно земјоделски задруги кои се трансфомирале и продолжиле да стопанисуваат со земјоделско земјиште во државна сопственост се должни да склучат договор за долгорочен закуп за користење на земјоделско земјиште во согласност со закон. Во член 18 пак, е предвидено дека до донесување на закон со кој ќе се уреди давањето на земјоделското земјиште под закуп, договорот од член 17 го склучува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 30 дена од денот на уписот на претпријатијата, односно земјоделската задруга во судскиот регистар.
Договорот содржи земјоделско земјиште што се дава под закуп, надоместок што се плаќа за користење на тоа земјиште времетрањето на договорот кој не може да биде пократок од пет години. За првите пет години трансформираните претпријатија односно земјоделски задруги не плаќаат закупнина.
Од наведените законски одредби произлегува дека земјоделски задруги кои се трансформираат и продолжуваат да стопанисуват со земјоделско земјиште во државна сопственост се должни да склучат договор за долгорочен закуп за користење на земјоделско земјиште, кој договор го склучува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
При тоа од наведените одредби не произлегува можност единиците на локалната самоуправа да го одземат земјоделското земјиште од земјоделските задруги и други организации и да го вратат на поранешните сопственици. Имено Законот ги обврзува земјоделските задруги кои се трансформираат да склучат договор со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорената одлука утринското земјиште се одзема од земјоделските комбинати, задруги и други организации и тоа се враќа на поранешните сопственици, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот и со наведените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.159/97)