195/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јануари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 во делот кој гласи “и акт на работодавецот”, член 8 во делот кој гласи “другите акти” и член 9 во делот кој гласи “друг пропис” и “друг акт” од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (“Службен весник на РМ” бр.53/97).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи со Уставот и со законот не била предвидена можност остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со други акти и други прописи на работодавецот, туку овие прашања исклучиво требало да бидат уредени со закон и со колективен договор. Со оглед на тоа што во оспорените законски одредби било предвидено со акт на работодавецот да се пропишуваат одредени одредби за остварување на правата на вработените, тие не биле во согласност со член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи се дополнува ставот 2 на член 7 од законот. Имено, во став 2 е предвидено дека работен однос може да заснова лице кое наполнило 15 години возраст, а за вршење поодделни работи во рудници 18 години возраст и кое има општа здравствена способност за особено тешки, напорни и штетни по здравјето работи и други работи утврдени со законот и акт на работодавецот.

Со оспорениот член 8 од Законот се дополнува член 139 став 1 во кој е предвидено дека надзор над примената на законите и на другите прописи за работните односи и вработувањето и колективните договори, другите акти и договорите за работа со кои се уредуваат правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос, врши орган на државната управа надлежен за работите на испекцијата на трудот.

Со оспорениот член 9 се менува членот 141 од Законот и се предвидува ако инспекторот на трудот утврди повреда на закон, друг пропис, колективен договор, друг акт и договор за работа над чија примена врши инспекциски надзор ќе му укаже на работодавецот во определен рок да ги отстрани утврдените неправилности и недостатоци.

4. Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 42 став 2 од Уставот, лице помладо од 15 години живот не може да биде вработено, а според став 4 на овој член малолетните лица не смеат да бидат вработени на работни места што се штетни за нивното здравје и моралот.

Според Судот, предвидувањето на можноста и со акт на работодавецот да се утврдат покрај со закон утврдени особено тешки, напорни и штетни по здравје работи и други работи за чие вршење работникот со навршени 18 години возраст има општа здравствена способност, не претставува утврдување на поинакви права од работен однос од утврдените со Устав, закон и колективен договор, туку има само за цел поблиску квантифицирање на работите специфични за одделен работодавец со оглед на техничко-технолошкиот процес на работата, токму заради заштита на работникот со најмалку старосна возраст од 18 години.

Со утврдувањето на можноста работодавецот со свој акт да го доуреди ова прашање, не се задира во правата од работен однос и не е во несогласност со член 32 од Уставот на Република Македонија, според кој, меѓу другото, е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Понатаму, со предвидувањето на можноста со акт на работодавецот да се утврди посебен услов за вработување на лица со минимална возраст од 18 години за вршење на подземни особено тешки, напорни и штетни по здравје работи, утврдени со закон не претставува утврдување поинакви права од работен однос со оглед на тоа што е само услов за засновање на работен однос, а правата од тој работен однос се остваруваат во согласност со Устав, закон и колективен договор.

Со оглед на изнесеното неминовно се наметнала и потребата законодавецот во инспекцискиот надзор да ги предвиди и другите акти на работодавецот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.195/97)