228/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јануари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 88 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Милованка Тренгоска адвокат од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 88 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според подносителот на иницијативата оспорениот член бил во спротивност со член 7 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија затоа што немал предвидено основани законски издржани услови и начин на неговата примена. Имено, процентот од 20% во однос на 100 не бил значителен процент по ниеден основ, ниту пак тој процент го оправдувал и исполнувал барањето од член 7 од Уставот на Република Македонија. Од друга страна, пак со дадениот процент кој означувал значителен број, во Република Македонија ќе се создадела ситуација да има толку службени јазици колку што има национални малцилнства. Оспорениот член не бил целосен, конкретен и дециден и немал предвидено начин и услови според кои треба да се употребува јазикот на националностите туку во него бил предвиден само процент од 20% кој процент бил мал за да биде значителен.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за локалната самоуправа во делот ЏИВ го регулирал прашањето на службената употреба на јазиците во единиците на локалната самоуправа. Имено во член 88 став 1 е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа во кои граѓаните припадници на националностите се над 50% од вкупниот број жители утврдени на последниот извршен попис на населението, се сметаат како единици на локалната самоуправа во кои во мнозинство живеат припадници на националностите. Според став 2 од овој член, во единиците на локалната самоуправа во ки граѓаните припадници на националноста се над 20% од вкупниот број жители утврден на последниот извршен попис на населението, се сметаат како утврден на последниот извршен попис на населението, се сметаат како единици на локалната самоуправа во кои во значителен број живеат припадници на националностите.

4. Според член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Во став 2 е предвидено дека во единиците на локалната самоуправа, во кои како мнозинство живеат припадници на националностите, во службена употреба покрај македонскиот јазик и кирилското писмо се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон.

Во став 3, пак, е предвидено дека во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба покрај македонскиот јазик и кирилското писмо се и јазикот и писмото на националностите под услови и на начин утврден со закон.

Од изнесените уставни одредби призлегува дека во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а во единиците на локалната самоуправа во која живеат значителен број припадници на националностите во службена употреба покрај македонскиот јазик и кирилското писмо е и јазикот и писмото на националностите под услов и на начин утврдени со закон.

Имено, Уставот му препуштил на законодавецот со закон да ги утврди условите и начиниот кога во службена употреба во единиците на локалната самоуправа, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо , ќе се користи и јазикот и писмото на националностите.

Поаѓајки од ваквото уставно овластување, законодавецот утврдил дека единиците на локалната самоуправа во кои припадниците на националностите се над 20% од вкупниот број жители утврдени на последниот извршен попис на населението се сметаат како единици на локалната самоуправа во кои во значителен број живеат припадници на националностите. При тоа законодавецот утврдениот процент не го зема паушално туку за основа го зема бројот на жители утврден со поселедниот извршен попис на населението и врз таа основа конкретизира што се подразбира по поимот “значителен број”. Условите и начинот под кои во службен употреба покрај македонскиот јазик и кирилското писмо се и јазикот и писмото на националностите, законодавецот ги утврдува во другите членови од законот.

5. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 88 став 2 од Законот со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лзова, д-р Стојмен Мизхајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.228/97)