Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 јануари 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 4 став 1 од Деловникот на Советот на Општина Тетово, донесен на 20.03.1997 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.109/97 од 8 октомври 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 4 став 1 од деловникот означен во точката 1 од ова решение затоа што со него јазикот на националноста се воведува како службен јазик во работата на Советот, а не како јазик што е во службена употреба, поради што се постави прашањето за неговата согласност со член 7 од Уставот и член 89 од Законот за локалната самоуправа.
4. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 4 став 1 од Деловникот на Советот на Општина Тетово е предвидено дека во работата на Советот службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик и неговото писмо.
5. Според член 7 став 1 од Уставот, во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во ставовите 2 и 3 на овој член е пропишано дека во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадници на националностите, во службена употреба покрај македонскиот јазик и кирилското писмо се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон, а во оние единици во кои националностите живеат во значителен број, под услови и на начин утврдени со закон.
Во член 89 од Законот за локалната самоуправа, како една од одредбите во главата што ја регулира службената употреба на јазиците на националностите, е предвидено дека на седниците на советот и другите органи на единиците на локалната самоуправа со националност во мнозинство или во значителен број, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо во службена употреба се и јазикот и писмото на тоа или тие националности; дека статутот, одлуките и другите акти на органите се пишуват и објавуваат на македонски јазик и на јазикот на националноста, а дека во јавните служби, јавните установи и јавните претпријатија што ги основа единицата на локалната самоуправа во која во мнозинство живеат граѓани припадници на националност во службена употреба, покрај македонскиот јазик и писмо, се и јазикот и писмото на таа националност.
6. Од означените уставни и законски одредби произлегува дека во Република Македонија според Уставот постои само еден службен јазик и дека таа уставна норма мора да биде остварена во секој случај и на секое ниво на службеното општење во државата. Можноста јазиците на националностите да бидат во службена употреба во единиците на локалната самоуправа ниту значи нивно изедначување со македонскиот јазик како јазици во службена употреба, ниту значи фактичка еднаквост и во единиците на локалната самоуправа каде што службено се употребуваат. Службената употреба на јазиците на националностите прецизно се врзува за точно определени ситуации, во точно определени органи, за точно определени дејствија утврдени со закон, а не како генерален принцип што важи за службената комуникација во единицата на локалната самоуправа. Оттука произлегува дека со воведувањето во службена употреба јазикот на националноста не станува службен јазик со општо задолжително значење како што е македонскиот, туку останува јазик што службено се употребува во обем и на начин утврден со закон и дека начинот на неговата употреба не може да се уредува со подзаконски пропис.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба апсолутно го изедначува рангот на македонскиот јазик и јазикот на националноста како службен јазик, што не е само изедначување во терминологијата, туку суштинско отстапување од дистинкцијата што Уставот и Законот за локалната самоуправа ја прават помеѓу службениот јазик во Република Македонија и јазиците во службена употреба и дека тоа имплицира апсолутна еднаквост на јазиците, а со тоа и нивна самостојност или алтернативност во сферата на службената употреба, што директно ја засега уставната норма за универзалната задолжителност на службениот јазик во Република Македонија.
Исто така, а поради изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Деловникот не може да се набљудува како техничка норма која го операционализира начинот на службената употреба на јазиците (на пр. како се одвиваат говорите и преведувањето, во каков облик се дистрибуираат материјалите итн.), туку норма што воспоставува статус на јазиците и начин на нивна употреба, што може да се уредува само со закон, а не и со подзаконски пропис, поради што тоа не е во согласност со Уставот и законот од овој аспект.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 109/97)