Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јануари 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА членот 7 од Одлуката за утврдување надоместок за користење на градежно земјиште на подрачјето на граничен премин “Деве Баир” во Општина Крива Паланка за 1997 година, донесена од Советот на Општина Крива Паланка, број 08-132/7 од 12 март 1997 година (“Службен гласник на Општина Крива Паланка” број 2 од 14 март 1997 година).
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од “Фершпед” АД – Скопје, со Решение У.бр.192/97 од 19 ноември 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на членот 7 од актот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејки пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со членот 55 став 2 од Уставот на Република Македонија и со одредбите од Законот за градежно земјиште.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 7 од наведената одлука, табеларно е прикажана височината на надоместокот за користење на градежно земјиште во денари по метар квадратен за различни видови на дејности. Така, за шпедитерски објекти е предвиден износ од 5.040,00 денари годишно по метаар квадратен, за трговско угостителски служби и бензиски пумпи е предвидено 2.700,00 ден. по метар квадратен годишно, за јавни објекти (пошта, банка и др.) е предвидено 2.520,00 ден. по метар квадратен годишно, за услужни објекти (сервиси, магацини, складови и друго) е предвидено 1.512,00 ден. по метар квадратен годишно, и за терминал и паркинзи е предвидено 252,00 ден. по метар квадратен годишно.
5. Според член 44 став 1 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 38/80, 18/89 и 21/91) собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште, според член 45 од Законот, се плаќа по единица површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден користен простор.
Согласно член 48 од означениот закон, надоместокот за употреба на градежно земјиште се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот (положбата на земјиштето во населбата или населеното место, сообраќајната поврзаност со центарот, снабденоста со комунални објекти и инсталации, рационалност на користење и други околности од значење за користење на тоа земјиште).
Според член 47 од Законот, собранието на општината има право да врши целосно или делумно ослободување од плаќање на овој надоместок, посебно за организации од општествените дејности, хуманитарни и други организации.
Од изнесените законски одредби произлегува дека е право на собранието на општината да одлучи дали ќе воведе надоместок за употреба на градежно земјиште и дали ќе предвиди ослободување на одделни субјекти од плаќање на овој надоместок. При утврдувањето на висината на овој надоместок, општината мора да води сметка во која зона односно какви погодности во таа зона му дава земјиштето на корисникот во која се наоѓа градежното земјиште и во зависност од зонирањето на градежниот реон да утврди различна висина на надоместокот за одделни зони. Исто така, висината на надоместотокот треба да биде различна во зависност од тоа дали тој надоместок се однесува на користен, станбен, деловен и друг јавен користен простор или на градежно земјиште што е под објектот и што служи за редовна употреба на објектот (дворно место, паркинг и сл.). Понатаму, од Законот произлегува дека висината на надоместокот треба да зависи и од погодностите што одредено земјиште ги дава и тоа во зависност од положбата на земјиштето во однос на основните содржини кои служат за задоволување на општите и заедничките потреби на граѓаните, опременоста на градежното земјиште со комунални објекти за заедничката употреба (јавен водовод, канализација, топлификација и сл.).
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека од наведените законски одредби не произлегува можност висината на надоместокот да зависи и од дејноста што се врши во одреден објект односно на определено градежно земјиште туку од погодностите што тоа земјиште му ги дава на корисникот на тоа земјиште. Со оглед на тоа што со одредбата од членот 7 од оспорената одлука како еден од основите за определување висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште се предвидува дејноста што ја врши корисникот на градежното земјиште, Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со одредбите од Законот за градежно земјиште. Исто така, Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност и со членот 55 став 2 од Уставот, со оглед на тоа што со определувањето различна висина на надоместокот зависно од дејноста, а под еднакви услови на опременост на градежното земјиште се создава нееднаквост на субјектите на пазарот, па од овие причини одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.192/97)