121/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30.12.1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Шериф Ибраимов од Делчево и Душко Цветановски од Македонска Каменица, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 8 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се ограничувало правото на надоместок на трошоците за превоз што претходно било утврдено со колективни договори во согласност со Уставот и со Законот за работните односи па со овој закон тоа право воопшто не можело да се уредува. Исто така во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба се создавала нееднаквост помеѓу вработените во дејностите што се финансираат од Буџетот и вработените во стопанството, како и помеѓу вработените во ист орган со оглед на стварно различните трошоци за превоз во зависност од користењето на една или повеќе автобуски линии, што не било во согласност со уставното начело на еднаквост.

3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член од Законот е предвидено надоместок за превоз до и од работното место по претходно дадена писмена изјава да се исплатува само за вработените чие место на живееење е оддалечено над 2,5 км. од работното место, но не повеќе од 900 денари.

4. Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законот.

5. Од содржината на член 32 став 5 на Уставот несомнено произлегува дека концепт на комплементарност, дури и релативна рамноправност на законот и колективниот договор во уредувањето на прашањата на остварување на правата на вработените. Меѓутоа, таа рамноправност може да има значење само во границите на нормативните овластувања што ги пропишува законот како повисок акт во хиерархијата на општите правни акти во правниот систем во склад со принципот на законитост што е утврден во член 51 и член 110 алинеја 2 од Уставот. Во врска со тоа неспорно е и тоа дека од член 32 став 5 од Уставот произлегува овластување оваа проблематика да се уредува со закон односно со закони кои не се ограничени со нормите на колективните договори.

Врз основа на изнесеното, Судот смета дека поинаквото уредување на правата утврдени со колективни договори со оспорената законска одредба можеби е прашање на неостварување на обврски од една социјална спогодба што може да предизвика спор помеѓу страните на таа спогодба, но не може да претставува повреда на Уставот во поглед на овластувањата на законодавецот. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 8 од Законот со Уставот.

Во поглед на прашањето на еднаквоста поставено во иницијативата Судот тргнува од тоа дека со Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија се уредува една посебна сфера на дејности кои се финансираат од посебни извори и на посебен начин и кои подлежат на посебни ограничувања како дејности на јавна потрошувачка. Оттука, вработените во тие дејности се во фактички нееднаква положба со вработените во вонбуџетските организации или трговски друштва така што оспорениот член од Законот е резултат на фактичката нееднаквост, а не нејзин извор. Врз основа на тоа, а имајќи предвид дека принципот на еднаквост подразбира со еднаквите да се постапува еднакво, а со нееднаквите нееднакво, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 8 од Законот и со член 9 од Уставот.

Исто така Судот оцени дека ограничувањето на износот за трошоци за превоз до 900 денари има свој извор во материјалните можности на државата и претставува линарна граница за секој вработен, што го исклучува прашањето за нивната меѓусебна еднаквост. Ова затоа што ако законодавецот бил овластен да го определи овој надоместок според финансиските можности, а не според стварните трошоци, тогаш принципот на еднаквост е сочуван ако тие ограничувања се однесуваат подеднакво на секој вработен. Со оглед на тоа, Судот оцени дека член 8 од Законот не е во несогласност со член 9 од Уставот и по овој основ.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.121/97)