152/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 декември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ

– Одлуката за основање на управни и административни органи на општина Тетово, донесена од Советот на општина Тетово бр.08-268/7 од 15 мај 1997 година.

– Одлуката за определување на бројот на вработените во управните и административните органи на општина Тетово донесена од Советот на општина Тетово на 13 јуни 1997 година, и

– Решението за прогласување на работниците за кои престанува потребата од работно ангажирање во органите на општина Тетово поради настанати структурни промени и работници кои остануваат на работа, донесено од градоначалникот на општина Тетово на 1 јули 1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Владата на Република Македонија, поведе постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што со оспорените одлуки биле основани управни и административни органи и се определувал бројот на извршители и ако Советот на општината го немал донесено статут на општината Тетово кој е предуслов и основ за нивно донесување.

Понатаму со Одлуката за определување број на вработените во управните и административните органи е повреден член 4 став 2 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат, затоа што бројот на вработените во овие органи се определува во зависност од бројот на населението, развиеноста на општината и вкупниот број вработени на подрачјето на општината.

Спротивен на цитираната одредба е и член 5 од Одлуката за определување на бројот на работници, со која е предвидено дека градоначалникот може да ја прошири систематизацијата со одреден број извршители во случај на потреба, и ако тоа е во надлежност на Советот на општината.

Оспореното решение било спротивно на член 94 од Законот за локалната самоуправа и член 130 од Законот за работните односи затоа што на работниците што се прогласени за технолошки вишок не им биле обезбедени правата кои произлегуваат во случај да им престанува работниот однос по основ на технолошки вишок и истите не можеле да бидат преземени од Министерството за правда.

3. На седницата Судот утврди дека врз основа на член 29 став 1 точка 8 од Законот за локалната самоуправа и член 69 и 104 од Деловникот на Советот на општина Тетово, Советот на општината Тетово на 15 мај 1997 година, донел Одлука за основање на управни и административни органи на општина Тетово.

Со оваа одлука се основаат управни и административни органи на општината, се утврдува нивната надлежност, се уредува остварување на соработката со подрачните единици на Министерството за правда и други органи на државната управа и други прашања од значење за функционирање на управните и административни органи на општината.

Во преодните и завршните одредби на одлуката е предвидено дека бројот на извршители на работниците и задачите во управните и административните органи се утврдува со посебна одлука на советот на општината.

Распоредувањето на работниците на работни места согласно утврдениот број се врши со актот за систематизација на работите и задачите што го донесува градоначалникот на општината.

Во член 25 од одлуката е предвидено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на општина Тетово.

4. Понатаму Судот утврди дека врз основа на член 29 точка 4 од Законот за локалната самоуправа, член 4 став 2 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат и член 69 и 104 од Деловникот на Советот на општина Тетово, Советот на општина Тетово на 13 јуни 1997 година донел Одлука за определување бројот на вработените во управни и административни органи на општина Тетово со која е утврдено дека вкупниот број на работници во кој број не влегуваат градоначалникот, главниот архитект, секретарот на Советот и претседавачот на Советот.

Врз основа на наведената одлука во актот за организација и систематизација градоначалникот на општината ќе го. определи профилот и видот на образованието, работното искуство и други критериуми за вршење на работите и задачите на поодделни извршители во службите и органите на општината.

Понатаму во одлуката е предвидено дека со неа се намалува бројот на работници во Стручната служба на општината што претставувал технолошки вишок па поради тоа ќе се преземат мерки за нивно преземање со прераспоредување во ново основаните општини кои произлегуваат од општината Тетово како и мерки за обезбедување на правата на работници за чија работа престанала потребата во државните органи на управата, доколку некој од нив не биде преземен и прераспореден.

Во член 5 од одлуката е предвидено дека доколку се појави потреба за зголемување на обемот на работите и задачите што ќе произлезе од новите функции според прописите во тој случај се овластува градоначаникот да може да ја прошири систематизацијата со одреден број извршители.

Во член 6, пак, е предвидено дека одлуката стапува во сила со денот на донесувањето а ќе се објави во “Службен гласник на општина Тетово”.

5. Според член 56 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95) во вршењето на работите од својата надлежност Советот на единициата на локалната самоуправа донесува општи акти како што се статут, програми, планови, одлуки и други општи акти предвидени со статутот во согласност со закон.

Според член 92 од наведениот закон, општите и други акти чија обврска за донесување односно усогласување произлегува од овој закон ќе се донесат во рок од три месеци по донесувањето на статутот на единицата на локалната самоуправа.

Според член 19 од Законот за локалната самоуправа, Советот на единицата на локалната самоуправа основа управни и административни органи.

Во член 4 став 2 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат е предвидено дека бројот на вработените во управните и административните органи на општината се определува со акт на советот на општината во зависност од бројот на населението, развиеноста на општината и вкупниот број на вработени на подрачјето на општината односно градот Скопје.

Со оглед на изнесеното а поаѓајќи од фактот што општината како единица на локалната самоуправа со Законот за локална самоуправа е поставена на поинакви основи од општината која функционираше како општествено политичка заедница односно се работи за нова организација на општината и дека прво мора да се донесе статутот на општината па потоа да се гради нормативниот поредок на единицата на локалната самоуправа, односно да се донесуваат други акти во кои ќе се утврди организацијата, видот, обемот, функциите и структурата на вработените и друго, Судот оцени дека Советот на единицата на локалната самоуправа не можел да ги донесе оспорените одлуки со кои пред да биде донесен статутот како основа на новата единица на локалната самоуправа ќе се основаат управни и административни органи и ќе се утврди бројот на вработените во тие органи.

Исто така Судот оцени дека оспорените одлуки не се во согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија со оглед на тоа што одлуките не можеле да стапат во сила со денот на донесувањето, туку по објавувањето.

6. Судот утврди дека на 1 јули 1997 година, градоначалникот на општина Тетово донел Решение за прогласување на работниците за кои престанува потребата од работно ангажирање во органите на општина Тетово поради настанати структурни промени и работниците кои остануваат на работа.

Со ова решение е предвидено дека согласно извршената територијална поделба на општина Тетово според Законот за територијална поделба и формирање на нови општини на подрачјето на општината се намалил обемот и задачите на работно ангажирање на досегашниот совет и се извршени намалувања на бројот на работници за 22.

Структурата на новите места е утврдена со Правилникот за организација и работа и систематизација на работите и задачите на општина Тетово, донесен од страна на градоначалникот како налдежен орган.

Согласно со наведените заклучоци со 30 јуни 1997 година претстанува потребата од работното ангажирање на одредени работници.

Во решението поименично се наведуваат 22 работника на кои им престанува работниот однос и 16 работника кои остануваат и понатаму.

Во решението е предвидено дека на работниците наведени во решението поради рационализација не може да им престане работниот однос се додека не им се обезбеди едно од правата утврдени во член 130 од Законот за работните односи.

На овие работници согласно Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегува и Законот за локалната самоуправа ќе се изврши прераспоредување од општината Тетово во новонастанатите општини за што ќе се склучи спогодба за преземање на дел од работниците од досегашната општина Тетово во новоформираните општини кои произлегуваа од неа.

Доколку на работниците не може да им се обезбеди едно од предвидените права истите ќе се стават на располагање заради остварување на нивните права на надлежното министерство за правда во смисла на член 55 и 94 од Законот за локалната самоуправа и член 214 од Законот за органите на управата.

На напред наведените работници ќе се издава посебно решение за прераспоредување кое што е истовремено и упат за работно ангажирање во новите општини.

Работниците кои остануваат на работа во органите на општината ќе бидат прераспоредени на работи и работни задачи согласно со актот за систематизација.

Ова решение влегува во сила со денот на донесување од кога и ќе се применува.

7. Според член 94 од Законот за локалната самоуправа работниците кои нема да бидат распоредени во смисла на член 93 од овој закон имаат право и обврска како и работниците за чија потреба престанала потребата во министерствата и другите органи на државната управа, утврдени со закон.

Според член 216 од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/90 и 63/94) на работниците во органите на управата не може да им престане работниот однос само заради рационализација, технолошки и други унапредувања на работниците ако се намали обемот или потребата од работници, додека во согласност со закон, колективен договор и општ акт на органот не му се обезбеди едно од правата предвидени во законот во случај на технолошки вишок.

Ако на работникот не може да му се обезбеди едно од тие права во случај на престанок на работниот однос има право на паричен надоместок во висина и за време определен со закон.

Според член 130 од Законот за работни односи на работникот не може да му престане работниот однос ако работодавецот не му обезбеди едно од следните права:

1) вработување кај друг работодавец без огласување на работното место со преземање и склучување на договор за работа, на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, односно квалификација;

2) стручно оспособување, преквалификација или доквалификација за работа кај ист или кај друг работодавец и

3) еднократен надомест во вид на испратнина, во висина од едномесечна плата на работникот за секои две години работен стаж, а најмногу 12 месечни плати, остварени во претходниот месец од денот на престанокот на работниот однос на работникот, што се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.

Според член 129 од Законот за работните односи бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки, структурни или слични промени се утврдува врз основа на критериум утврден со колективен договор при што се поаѓа од потребите за ефикасно функционирање на работата на работодавецот, стручната подготовка и квалификацијата, работното искуство, успешноста на работењето, видот и значењето на работното место, работниот стаж, возраста и други критериуми утврдени во колективен договор.

Во член 109 и 110 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/95) се утврдени критериуми според кои треба да се утврди бројот и структурата на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурни или слични промени.

8. Од наведените законски одредби произлегува дека на работниците не може да им престане работниот однос заради рационализација, технолошки и други унапредувања доколку не им се обезбеди едно од правата предвидени со закон, колективен договор и општ акт на органот во случај на технолошки вишок, и дека односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат спогодбено ќе ги уредат, покрај другото, и прашањата кои се однесуваат на вработените и за вработување на работниците, при што не е дадена можност на работниците на кои нема да им биде обезбедно едно од правата односно нема прашањето да се реши спогодбено со новите единици на локалната самоуправа и единиците кои произлегуваат од неа, тие да бидат отстапени на Министерството за правда.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај со оспореното решение градоначалникот без да утврди критериуми кои работници ќе бидат прогласени како технолошки вишок и без притоа да се обезбеди едно од правата утврдени со закон, колективен договор и општ акт на органот е предвидено тие работници да му бидат отстапени на Министерството за правда, Судот оцени дека тоа не е во согласност со наведените законски одредби.

9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.152/97)