134/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 декември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 1 од Законот за измени и дополнување на Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Ривени Мелика од Охрид преку полномошникот Ванчо Милошески од Охрид му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение затоа што со него бил укинат член 15 став 2 од Законот за градежното земјиште со кое било обезбедено правото на поранешниот сопственик да го понуди земјиштето на Републиката која била должна да го прими со што се создавал баланс помеѓу монополистичкото право на државата во однос на правото на управување и располагање со ваквиот вид недвижност од една страна и од друга страна загарантираниот еднаков статус на сите носители на правото на сопственост на поранешните сопственици на неизграденото градежно земјиште.

3. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 1 од Законот за измени и дополнување на Законот за градежно земјиште член 15 став 2 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 18/89 и 21/91) се брише.

4. Разгледувајќи ја иницијативата Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа затоа што согласно член 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според оваа уставна одредба, Уставниот суд не е надлежен да врши изменување и дополнување на законите и другите прописи ниту пак има право да утврдува како треба да гласат поедини нивни одредби.

Од друга страна, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, па според тоа исклучиво право е на Собранието да врши нивно изменување и дополнување.

Со оглед на тоа што во иницијативата се бара Уставниот суд со укинувањето на член 1 од оспорениот Закон да го врати во важење член 15 став 2 од Законот за градежното земјиште за што е неспорно дека не е надлежен согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.134/97)