Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 декември 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 27 став 1 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97) во делот
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стевче Аврамовски од Скопје со решение У.бр.183/97 од 5 ноември 1997 година поведе постапка за оценување уставноста на член 27 став 1 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со членовите 9 и 55 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 27 став 1 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, агенција за посредување за вработување во земјата со наплата, може да основа лице кое е државјанин на Република Македонија, има најмалку VI степен стручна подготовка и располага со погодни работни простории во согласност со закон.
5. Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, кои можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност ги уредува прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавците, невработените лица и државата во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност како и други прашања од значење за вработувањето.
Законот определил дека стручните, организационите, административните и други работи што се однесуваат на вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност ги врши Заводот за вработување на Република Македонија чија дејност е од јавен интерес. Понатаму, Законот предвидел можност, работодавецот потребата од работник да може да ја задоволи и преку агенција за посредување при вработување со наплата од работодавецот во согласност со договор склучен меѓу работодавецот и агенцијата.
При тоа законодавецот определил три услови под кои може да се основа агенција и тоа: лицето да е државјанин на Република Македонија, да има најмалку VI степен стручна подготовка и да располага со погодни работни простории во согласност со закон.
Токму одредбата од Законот според која за основачот се предвидува услов да има најмалку VI степен стручна подготовка, Судот оцени дека ја ограничува слободата на претприемништвото на основачот, кој во конкретниот случај е претприемач, надвор од можностите за ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото утврдени со Уставот. Имено, основач на агенција за посредување при вработување може да биде секој граѓанин со било какво образование кој ќе има обврска да вработи во агенцијата лица со соодветна стручна подготовка. Во таа смисла се и одредбите од законот според кои одобрение за вршење на посредување за вработувње со наплата дава министерот надлежен за работите на трудот. Ова одобрение може да биде одземено ако се утврди дека посредувањето се врши спротивно на одредбите на законот, а увидот во работењето на агенциите го врши Министерството надлежно за работите на трудот.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.183/97)