Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 декември 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 68 став 1, 71 и 102 став 1 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Борис Младеновски од Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите означени во точката 1 од ова решение затоа што создавале нееднаквост на граѓаните и имале повратно дејство. Имено се создавале две категории на корисници на паричен надоместок во различни износи, независно од должината на стажот на осигурување туку во зависност од моментот на стекнувањето на тоа право. Подносителот смета дека оние лица кои имаат над 25 години стаж на осигурување практично биле дискриминирани во однос на лицата кои го оствариле правото на надоместок до 12 месеци бидејќи висината на надометокот за лица кои имаат право на надоместок повеќе од 12 месеци била утврдена на ниво од 40% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 12 месеци пред престанокот на работниот однос.
3. Судот на седницата утврди дека според член 68 став 1 од Законот, висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 12 месеци пред престанокот на работниот однос за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеци, а 40% за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеци.
Според член 71 од Законот, времето за кое се исплатува паричниот надоместок зависи од времето за кое невработеното лице било осигурано во случај на невработеност.
Паричниот надоместок на невработеното лице се исплатува: три месеци ако има стаж на осигурување најмалку девет месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци; пет месеци ако има стаж на осигурување 15 месеци во непрекинато траење или 24 месеци со прекин во последните три години; седум месеци ако има стаж на осигурување 30 месеци во непрекинато траење или 50 месеци со прекин во последните пет години; девет месеци ако има над пет-десет години стаж на осигурување; дванаесет месеци ако има над десет до петнаесет години стаж на осигурување; петнаесет месеци ако има над 15 до 20 години стаж на осигурување и осумнаесет месеци ако има над 20 до 25 години стаж на осигурување. На невработеното лице кое има над 25 години стаж на осигурување, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок.
Согласно член 102 став 1 од Законот, невработеното лице кое на денот на почетокот на примената на овој закон е корисник на паричен надоместок или друго право, продолжува да го користи тоа право.
4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Од наведените уставни одредби произлегува дека граѓаните се еднакви во слободите и правата и дека во тие рамки вработените се еднакви во правата кои произлегуваат од работен однос како и при материјалната обезбедност за време на привремена невработеност.
Правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност, како и другите права на вработените се уредува со закон и со колективни договори. Ова право не е трајно право туку претставува привремено решение за материјално обезбедување за време на привремена невработеност. Согласно законот, средствата за финансирање на правата на невработените лица од осигурување во случај на невработеност се обезбедуваат од придонесот за вработување што го пресметува и уплатува работодавецот од бруто платата на работникот, од Буџетот на Република Македонија и од други извори. Оттука произлегуа дека вработените плаќаат посебен вид на осигурување со цел материјално да се обезбедат во случај на привремена невработеност, меѓутоа ова не претставува долгорочно решение ниту пак треба да се поистоветува со социјалната заштита што е обезбедена согласно одредбите на друг закон. Според тоа, привремено невработено лице има право на паричен надоместок во зависност од тоа дали има плаќано придонес за осигурување во случај на невработеност, а должината на користењето на правото е условена од должината на стажот на осигурување за кој е плаќан придонес. Операционализирајќи го уставното право на материјална обезбедност за време на привремена невработеност, законодавецот има право со закон да ги утврди условите за остварување на ова право и во тие рамки да ја утврди висината на паричниот надоместок за привремено невработените лица како и начинот и критериумите на определувањето на тој надоместок.
Во однос на наводите од иницијативата дека оспорените одредби од законот се основа за дискриминација и дека имаат повратно дејство, Судот оцени дека одредбата од членот 68 став 1 се применува од моментот на влегувањето на законот во сила и поради тоа нема повратно дејство ниту пак е причина за било каква дискриминација бидејќи со неа се пропишани единствени и исти услови во поглед на процентот на висината на паричниот надоместок по основ на невработеност за сите корисници на правото на паричен надоместок според условите за остварување на ова право утврдени со законот и тоа од моментот на неговото влегување во сила.
Исто така не се прави никаква дискриминација, ниту има повратно дејство и одредбата на член 71, бидејќи оваа одредба е сосема иста како во претходниот закон. Со новиот закон не се вршат никакви промени кај ова право, бидејќи и според овој закон невработено лице кое има над 25 години стаж на осигурување паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настапување на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок.
Со цел, пак, да се обезбеди новиот закон да нема повратно дејство, во преодните и завршните одредби во член 102 е утврдено дека невработеното лице кое на денот на почетокот на примената на овој закон е корисник на паричен надоместок или друго право, продолжува да го користи тоа право. Истиот принцип важи и за започнатите постапки за остварување на правата за осигурување во случај на невработеност.
Од содржината на оваа одредба произлегува дека сите корисници на правото на паричен надометок кои ова право го стекнале според Законот кој престана да важи и понатаму продолжуваат да го користат тоа право според условите што биле утврдени во тој закон и за нив не може да има никакви промени со влегувањето во сила на новиот закон, туку тие и понатаму продолжуваат да го користат правото што го оствариле според прописите по кои го оствариле.
5. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорените одредби од Законот не се основа за нееднаквост на граѓаните ниту пак дека имаат повратно дејство поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.181/97)