154/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 декември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Правилникот за условите и критериумите за стекнување професионално звање од областа на сметководството-овластен сметководител (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/97), донесен од Конференцијата на Македонската комора на сметководители и финансиери на 13 јуни 1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Владимир Вешоски од Струга со Решение У.бр.154/97 од 29 октомври 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за сметководството.

4. Судот на седницата утврди дека постапувајќи по предметите У.бр.247/95, 248/95, 271/95 и 304/95, Уставниот суд на Република Македонија на 27 декември 1995 година донел Одлука со која го укина член 12 ставовите 3, 4 и 5 од Законот за сметководството и ги поништи Правилникот за услови и критериуми за стекнување на професионални звања од областа на сметководството, донесен од Собранието на Сојузот на сметководители, финансисти и ревизори на Република Македонија на 29 декември 1994 година и 20 септември 1995 година и Правилникот за условите и критериумите за стекнување професионално звање од областа на сметководството-овластен сметководител, донесен од Конференцијата на Комората за сметководствено-финансиските работници на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/95) на 11 јануари 1995 година. Одлуката на Судот е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.3/96.

Правилникот на наведената комора е поништен поради тоа што Судот оценил дека тој не е во согласност со Уставот и Законот за сметководството и дека нема основ за негово донесување.

Поништениот правилник, повторно е донесен од истиот донесувач на 13 јуни 1997 година и е објавен во (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/97). Од анализата на содржината на новообјавениот со поништениот правилник, се констатира дека текстот е скоро идентичен, освен во три интервенции кои всушност немаат значење за неговата целина. Имено, во член 4 се додава нов став 2 според кој лице кое има соодветна обука и 25 години стаж во струката добива звање овластен сметководител без проверка на знаењата, во членот 9 е изоставен ставот 3 според кој реедукцијата по стекнувањето на звањето овластен сметководител ја вршат правните лица кои вршат консалтинг услуги и во истиот член се врши измена во смисла на тоа дека програмата за професионална едукација се донесува по добиено мислење од Министерството за финансии, наместо Претседателот на Комората, како што беше во поништениот правилник.

Тргнувајќи од околноста што подносителот на иницијативата оспорува само една одредба од Правилникот (член 4 став 2), која не постоеше во поништениот правилник, но имајќи ја предвид целината на Правилникот, а пред се, уставно-правните аргументи од кои Уставниот суд се раководел при поништувањето на Правилникот донесен на 11 јануари 1995 година, од страна на истиот донесувач, Судот по сопствена иницијатива одлучи да ја оценува целината на Правилникот и притоа поаѓајќи од фактот дека оспорениот правилник е донесен од Конференцијата на Македонската комора на сметководители и финансиери без да се води сметка за конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд со што се повредува принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, како и од тоа дека нема основ за негово донесување, Судот оцени дека оспорениот правилник не е во согласност со Уставот и Законот за сметководството.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука..

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.154/97)