Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 10 декември 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1, член 6а, член 8 став 1, 2 и 4, член 11 став 1 алинеја 1, 2 и 3, член 12 став 1 и 2, членовите 13, 14 и 15, членовите 20 и 21, член 26 став 2 и 3 и членовите 28 и 29 во деловите што се однесуваат на употребата на одредени термини и институции работни луѓе, организации на здружен труд, општествено политички организации, самоуправни интересни заедници, месни заедници, Собрание на Социјалистичка Република Македонија, Претседателство на Социјалистичка Република Македонија, Извршен совет на Социјалистичка Република Македонија, собрание на општина, Собрание на Град Скопје, самоуправни организации и заедници и динари од Законот за постапување по претставките и предлозите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/77, 12/89 и 19/90).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 од законот означен во точката 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста на наведените одредби од Законот за постапување по претставките и предлозите, затоа што тие не биле во согласност со член 1 став 1 и член 24 од Уставот на Република Македонија.
Имено, во законот се зборувало и за предлози, а во Уставот се зборува само за претставки.
Во конкретните одредби на членовите 28 и 29 се зборува за парична казна во динари а не и за денари кои се платежно средство во Република Македонија.
Во законот се зборува за работни луѓе, организации на здружениот труд, општествено политички заедници, самоуправни интересни заедници, месни заедници, Собрание на Социјалистичка Република Македонија, Претседателство на Социјалистичка Република Македонија, Извршен совет на Социјалистичка Република Македонија, а такви институции и под такви услови не постојат во Република Македонија.
Во член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот е предвидено дека одредбите на законот ќе се применуваат и во постапувањето по претставките што сојузните органи ги отстапуваат на соодветни органи или организации во Републиката, а во член 6а од истиот закон е предвидено дека надлежниот орган кога постапува по преставките што се отстапени од сојузните органи за резултатот од постапувањето ги известува тие органи во рок определен во член 6 став 4 на законот.
4. На седницата Судот утврди дека во член 1 од Законот за постапување по претставките и предлзите е предвидено дека “Со овој закон се уредува постапувањето по претставките и предлозите (во натамошниот текст преставки што работните луѓе и граѓаните, организациите на здружен труд, општествено политичките организации, самоуправните интересни заедници, месни заедници, други самоуправни организации и заедници, општествени организации и здруженија на граѓани ги поднесуваат до Собранието на Република Македонија, Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, републички органи на управата и другите републички органи и организации како и до собранијата на општините, собранието на град Скопје и нивните тела, органи и организации во натамошниот текст: органи до кои се поднесуваат претставките.
Во ставот 2 е предвидено дека одредбите од овој закон се применуваат и во постапувањето по претставките што сојузните органи ги отстапуваат на соодветниот орган или организација во Републиката.
Одредбите од овој закон се применуваат и во постапувањето по претставките што се поднесуваат од организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, месни заедници и други самоуправни организации и заедници.
Во член 6а е предвидено дека надлежниот орган кога постапува по претставките што се отстапени од сојузните органи, за резултатите од постапувањето ги известуват тие органи во рокот определен со член 6 став 4 од овој закон.
Во член 8 е предвидено дека стручните и другите работи по претставки поднесени до Собранието на СРМ, Претседателот на Социјалистичка Република Македонија и Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија ги врши заедничка стручна служба.
Во став 2 на овој член е предвидено дека собранијата на општините и Собранието на град Скопје обезбедува вршење на стручните работи во постапувањето по претставките.
Во член 11 став 1 точка 1, 2 и 3, член 12 став 1 и 2 и членовите 13, 14, 15 од наведениот закон се употребуваат термините самоуправни организации или заедници.
Во членовите 20, 21 и 26 се употребуваат термините за институциите Собрание на Социјалистичка Република Македонија, Претседател на Социјалистичка Република Македонија, собранието на општината и Собрание на град Скопје.
Во членовите 28 и 29 од законот се зборува за парична казна изразена во динари.
5. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а според ставот 2 од овој член, суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.
Тргнувајќи од наведената уставна одредба а имајќи предвид дека со оспорените одредби се утврдени одредени институтуции и термини кои егзистираа во поранешниот правен поредок, основано се поставува прашањето дали тие се во согласност со Уставот.
6. Во член 2 од Законот е предвидено дека под претставки во смисла на овој Закон се подразбираат молби, поплаки и други поднесоци со кои подносителите се обраќаат до органите, организациите и заедниците заради заштита и ефикасно остварување на општествениот интерес, своите права, обврски и интереси, заради поведување политичка или друга иницијатива од општ интерес.
Според член 24 од Уставот на Република Македонија секој граѓанин има право да поднесе претставка до државните органи и други јавни служби и на нив да добие одговор.
Од уставната одредба произлегува дека граѓанинот може да поднесува претставки до државни органи и јавни служби, при што терминот претставки Уставот го зема како генеричен поим за сите писмени поднесоци што граѓаните ќе ги достават до државните органи вклучувајќи ги тука и предлозите.
Според тоа Судот смета дека употребата на терминот предлози не е во несогласност со наведената уставна одредба.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.199/97)