Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 декември 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за определување на висината на надоместокот на трошоците што се предизвикани со приклучување на нови корисници на вода односно со зголемување на едновремениот проток на постојните корисници, донесена од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Комуналец” од Струмица на 11 мај 1994 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.147/97 од 15 октомври 1997 година донесено на иницијатива на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор – подрачна единица во Струмица, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за градежното земјиште и Законот за комуналните дејности.
4. Судот, на седницата, утврди дека со Одлуката се уредуваат условите, начинот и постапката на приклучувањето на нови корисници на вода, како и на зголемувањето на едновремениот проток на вода кај постојните корисници. Така, Одлуката пропишува:
– обврска за корисникот (правно или физичко лице) да бара водоприклучна согласност заради приклучување на неговиот објект на јавниот водовод (член 4);
– обврска за испорачателот (јавното претпријатие за водоснабдување) да ја издаде бараната согласност, но доколку се исполнети определени услови: ако постојат технички и економски можности, ако не се влошува квалитетот и квантитетот на водоснабдувањето кај постојните корисници — (член 5);
– обврска за корисникот да изгради водоводна инсталација во неговиот објект според определени стандарди и, под тој услов, ќе биде приклучен на јавниот водовод (членови 6 и 7);
– обврска за корисникот да наведе определени податоци во барањето за добивање водоприклучна согласност (член 10);
– обврска за испорачателот да се произнесе по барањето во рок од 30 дена (член 9);
– начинот на утврдувањето на висината на надоместокот: процент од цената на чинењето на изградбата на јавниот водовод односно на изградбата на каптажа, постројки за пречистување и дезинфекција, транспортни и дистрибутивни објекти …. (членови 13-19);
– обврска за испорачателот собраните средства да ги употребува за изградба на нови објекти од јавниот водовод (член 17);
– обврски за корисникот да доплатува средства за приклучување во случаи: да пренамени станбен во деловен простор; да надгради или догради станбен простор; да изгради нов објект на место на срушен стар објект ….. (членови 21-25);
– ослободување од обврската за плаќање на надоместокот: вселување во нов објект поради експропријација на стар објект ….. (член 27);
5. Според член 38 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 19/89, 21/91 и 71/96) изградбата на станбени, стопански, комунални и други објекти се врши на уредено градежно земјиште (став 1) но тие објекти можат да се градат и на земјиште што не е уредено, во кој случај корисникот е должен, врз основа на договор, да го уреди земјиштето (став 2).
Според член 39 од Законот, уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на Програма (став 1), која ја донесува собранието (сега советот) на општината врз основа на урбанистичкиот план, а по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот во делот на неговата надлежност (став 2).
Според член 40 од Законот, програмата за уредување на градежното земјиште содржи, покрај другото, обемот на уредувањето и степенот на опремувањето со комунални објекти и инсталации, пресметката на трошоците за уредувањето и изворите на финансирањето на уредувањето.
Според член 41 од Законот, уредувањето на градежното земјиште се финансира од средствата остварени од неговото доделување, од надоместоците за уредувањето односно за употребата на градежното земјиште, од средствата на комуналните организации, средствата од самопридонес и од други средства (став 1), а тоа се уредува со Програмата (став 2).
Според член 43 од Законот, средствата остварени од надоместокот за уредување на градежното земјиште се користат за намените утврдени со Програмата.
Од изнесените законски одредби произлегува дека собранието односно советот на општината е овластено со програма да го определи обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на градежното земјиште со комунални објекти и инсталации, како и да утврди кои од изворите утврдени во член 41 од Законот ќе се користи за финансирање на уредувањето, покрај средствата од член 43 од Законот односно средствата од надоместокот за уредување и употреба на градежното земјиште.
Инаку, под комунални објекти и инсталации односно објекти на комуналната инфраструктура, според член 9 од Законот за комуналните дејности (“Сл.весник на Република Македонија” бр.45/97) се подразбираат, покрај другото, каптажите, резервоарите и пречистувањето на водата за пиење, како и основната и секундарната водоводна мрежа.
Од друга страна, определувајќи ги изворите за финансирање на изградбата и одржувањето на објектите на комуналната инфраструктура, членот 13 од Законот за комунални дејности ги пропишал следните извори: (1) учество на инвеститорот во уредувањето на градежното земјиште, (2) цена на комуналната услуга, (3) 50% од надоместокот за употреба на градежното земјиште, (4) буџетот на основачот, (5) донаторство, (6) наменски средства на давателите и корисниците на комунални услуги и (7) други средства утврдени со закон (а не и средства кои претпријатието со свој акт ќе ги обезбеди од корисникот за приклучување или за зголемување на протокот).
Со оглед на тоа што (1) со акт на претпријатието, а не со програма на советот на општината, се уредуваат права и обврски на граѓаните во врска со приклучување на нови корисници на водоводна мрежа заради изградба на комунални објекти и инсталација и (2) што се предвидува извор на финансирање за изградба на комунални објекти и инсталации да биде надоместок за приклучување кој не е предвиден како можност со наведените закони (за таа намена веќе се земени средства од потенцијалните корисници преку надоместокот за уредување на градежното земјиште), Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.147/97)