252/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија по одржана јавна рсправа на седницата одржана на 10 декември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба “Купеник” донесена од Собранието на Општина Тетово на 24 мај 1995 година и Одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план за населба “Купеник” донесена од Собранието на Општина Тетово на 27 декември 1995 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива на Ирфан Џелили од Тетово преку полномошникот Хамза Џелили, адвокат од Тетово, поведе постапка и одржа јавна расправа за оценување законитоста на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

4. На седницата и на јавната расправа Судот утврди дека на 24 мај 1995 година Собранието на општина Тетово донело Одлука за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за Населба “Купеник”.

Во членот 1 на оваа одлука е предвидено да се маркираат одредени броеви по блокови на сите објекти, да се стандардизираат габаритите на објектите, улицата “Браќа Миладиновци” да остане со својата постоечка траса како и да се изврши спојување на улиците “164” и “105”.

Исто така Судот утврди дека пред донесувањето на оспорената одлука односно на 30 јануари 1995 година била одржана јавна расправа за Деталниот урбанистички план за ИИ-ра станбена заедница Населба “Купеник” и Населба “Теќе Речица”, меѓутоа јавната расправа не била одржана во просториите на Месната заедница за која се вршеле измени туку во Собранието на општина Тетово.

Понатаму, Судот утврди дека Собранието на општината не донело нацрт одлука за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за Населбата “Купеник”.

Исто така Судот утврди дека на 28 јули 1995 година Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животна средина се обратило до Собранието на Општина Тетово и го известило дека ова Министерство ги разгледало измените и дополнувањата на деталниот урбанистички план за населба “Купеник” донесени од Собранието на Општина Тетово и констатирало дека е постапено по забелешките дадени во Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план од 29 мај 1995 година како и забелешките дадени од надлежното министерство за урбанизам. Според тоа Министерството сметало дека се создадени услови Собранието да го завери планот како дефинитивен и да го достави до подрачната единица на ова министерство заради спроведување.

На 27 декември 1995 година Собранието на Општина Тетово врз основа на горе наведеното известување кое го третирало како согласност донело Одлука за усвојување на Деталниот урбанистички план за населба “Купеник”. Во оваа одлука е предвидено дека се усвојува Деталниот урбанистички план за населба “Купеник” заедно со извештајот за неприфатените забелешки од јавната расправа.

5. Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90), кој бил во важност во времето на донесувањето на оспорените одлуки, просторните и урбанистичките планови се изработуваат во две фази-нацрт на план и предлог на план. Нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа. Јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до надлежниот орган во писмена форма во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.

Според член 33 од наведениот закон органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на собранието извештај од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Од наведените одредби произлегува дека јавната расправа по нацрт планот се организира на тој начин што планот се изложува во соодветна просторија на месната заедница за време од најмалку 15 дена, а во наредниот рок од 15 дена граѓаните и другите заинтересирани субјекти доставуваат забелешки до надлежниот орган во писмена форма, а по забелешките надлежниот орган до Собранието доставува мислење.

6. Со оглед на тоа што во конкретниов случај пред донесувањето на оспорените одлуки не била донесена нацрт-одлука за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план за Населба “Купеник” како задолжителен дел од постапката како и со оглед на тоа што јавната расправа била одржана во Собранието на општината а не во Месната заедница за која се вршат измени на планот, Судот оцени дека оспорените одлуки не биле донесени во согласност со постапката пропишана со законот кој важел во време на нивното донесување и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.252/96)