163/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 декември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Скопје (“Службен весник на град Скопје бр.18/90, 3/94, 7/95, 3/96, 5/96, 6/Ч96 и 5/97).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Слободан Настевски, Стојан Стојчевски и Петре Поповски од Скопје му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што со неа се воведувал надоместок за употреба на градежно земјиште како дополнителна давачка за граѓаните по основ на имот за кој веќе плаќале данок, сметки за вода и електрична енергија, што било неисправно.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се уредува надоместокот за употреба на градежното земјиште преку определување на непосредните корисници на земјиштето кои плаќаат надоместок, начинот на користење на средствата, критериумите за определување на неговата висина и начинот на плаќање.

4. Според член 44 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 38/89, 21/91 и 71/96) собранието односно советот на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации, а согласно член 45 од Законот, надоместокот се плаќа по единица површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден корисен простор.

Во член 6 точка 6 од Законот за Градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96) како самостојна надлежност на Градот Скопје е предвидено и донесување на програма за користење на средствата од употреба на градежното земјиште и утврдување и собирање на земјишна такса (градска рента) во согласност со законот, по прибавено мислење од општините на неговата територија.

Со оглед на тоа што надоместокот за употреба градежното земјиште е утврден со закон, а Градот Скопје има овластување да ја утврдува неговата висина и да го собира, Судот оцени дека оспорената одлука не е во несогласност со означените закони.

Имајки предвид дека надоместокот за употреба на градежното земјиште е утврден со закон, исто како и даноците на имот, Судот оцени дека наводите во иницијативата за неговата двојност на ниво на оспорената одлука не се од значење за оценување нејзината законитост.

Врз основа на изнесеното судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.163/97)