Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 3.12.1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Статутот на Општина Босилево, донесен од Советот на општината на 29 април 1997 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија група од осум членови на Советот на Општина Босилово, преку Драги Табанов, адвокат од Струмица, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Статутот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не бил донесен со мнозинство гласови пропишано со закон. Во иницијативата се наведува дека иако на седницата присуствувале 9 од вкупно 17 членови на советот, пред гласањето за статутот еден од членовите на Советот бил избран за секретар на Советот, но сепак потоа гласал за статутот како советник, иако тие две функции се неспоиви. Се смета дека во моментот на изборот за секретар истото лице веќе не можело да гласа како член на совет, така што за статутот гласале 8, а не 9 членови на советот.
3. На седницата Судот утврди дека непосредно пред гласањето за статутот на советот на општината еден од членовите на советот бил избран за секретар на советот, дека истото лице потоа гласало за статутот како член на советот и дека со неговото учество во гласањето биле обезбедени девет гласа од вкупно 17 членови на советот. Исто така Судот утврди дека наредниот ден лицето избрано за секретар дало писмена изјава за прифаќање на функцијата секретар од тој ден и писмена изјава за откажување од мандатот како член на советот.
4. Според член 32 став 6 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) статутот на единицата на локалната самоуправа се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот.
Во член 5 од Законот за локалните избори е предвидено дека функцијата член на совет е неспоива, помеѓу другото, и со функции што ги избира или именува Собранието и Владата на Република Македонија, со вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа и во управните органи на општината односно градот Скопје.
Согласно член 38 став 1 од Законот за локалната самоуправа на членот на советот му престанува мандатот по сила на закон ако поднесе оставка, во случај на смрт, ако поради боледување подолго од една година не може да ја извршува функцијата, како и кога е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор од над шест месеци. Според став 2 на овој член од Законот престанувањето на мандатот во случаите од став 1 советот го констатира без расправа.
Врз основа на означените законски одредби, Судот утврди дека постои законска неспоивост на функциите член на совет и секретар на совет, која иако не е изречно предвидена во член 5 од Законот за локални избори, произлегува од тој член во кој е очигледно содржано начелото на неспоивост на субординирани функции. Исто така Судот во согласност со член 38 став 1 од Законот за локалната самоуправа утврди дека престанувањето на мандатот на член на советот не може да настапи по автоматизам при изборот или менувањето на истото лице на друга функција, туку е потребна изречна изјава на воља за прифаќање на новата функција и давање оставка на постојната како релевантен момент во кој треба да се решава прашањето на неспоивоста.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека со оглед на тоа што за статутот на општината гласало и лицето што претходно било избрано за секретар на советот, но сеуште не поднело оставка на функцијата член на Советот односно не стапило на должност на новата функција, не претставува повреда на принципот на неспоивост и неговиот глас треба да се засмета во вкупниот број на гласови.
Имајќи го тоа пред вид Судот утврди дека за статутот на општината Босилово гласало мнозинство од вкупниот број на членовите на советот поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 32 став 6 од Законот за локалната самоуправа и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.155/97)