153/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 ноември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на пресудата на Врховниот суд на Република Македонија У.бр.227/97 и за примената на Законот за воената обврска и Законот за одбраната од страна на Министерството за одбрана.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Саше Георгиев од Кочани му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на пресудата означена во точката 1 од ова решение и за примената на означените закони од страна на Министерството за одбрана, затоа што означените органи погрешно го примениле законот на штета на студентите кои биле запишани на Факултетот за општонародна одбрана во 1989 година и кои според образовната програма на факултетот поминале на стажирање во АРМ во траење од 4 месеци и 15 дена и се здобиле со воена книшка за завршено стажирање и за регулирана воена обврска со определен чин, што не било во согласнсот со Уставот на Република Македонија.

3. Разгледувајќи ја иницијативата Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа затоа што согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите, а не и за уставноста и законитоста на пресудите на Врховниот суд и за примена на законите.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 153/97)