108/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 ноември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Програмата за комунално уредување на градежно неизградено земјиште на град Струга и комунално уредување на селските населби во Општината Струга за 1996 година, донесена од Собранието на Општина Струга (“Службен гласник” бр.2 од 18.04.1996 година), во делот во која со Тарифата за просечни трошоци за објектите под точката ИИИ. Хотели, мотели, одмаралишта и сл. и под точката И. Индустриски објекти, е предвидено дека “инвеститорот ќе ја користи постојната инфраструктура, а СО Струга нема обврска за дополнителни вложувања во инфраструктурата”.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Производното претпријатие “Кирил Миладинов” од Струга, со решение У.бр.108/97 од 16 јули 1997 година поведе постапка за оценување законитоста на делот од Програмата означена во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за согласноста на програмата во оспорениот дел со одредбите од членовите 38 и 42 од Законот за градежно земјиште.

4. На седницата Судот утврди дека Програмата за комунално уредување на градежно неизградено земјиште на град Струга и комунално уредување на селските населби во Општината Струга за 1996 година, е донесена од Собранието на Општина Струга, врз основа на одредбите од Законот за градежно земјиште. Со Програмата е определено подрачјето на уредување и одржување, одржувањето и опремувањето на градежното земјиште со комунални објекти и инсталации, степенот на уредување и опремување на просторот, ориентационата пресметка на трошоците, изворите на финансирање и тарифата на просечните трошоци. Во Тарифата на просечните трошоци се утврдени зоните на градежното земјиште според степенот на уреденост, градежната вредност на објектите по метар квадратен и висината на надоместокот за уредување на градежното земјиште, изразена во проценти во однос на градежната вредност на објектот. При тоа, за различни видови објекти на различен начин е утврдена висината на надоместокот, зависно од степенот на опременоста на земјиштето со комунални и инфраструктурни објекти. Во делот на утврдувањето на надоместокот за уредување на градежното земјиште за објектите под т. ИИИ-хотели, мотели, одмаралишта и сл. и под т. И-индустриски објекти, не е направено разграничување на земјиштето според степенот на опременост со инфраструктурни и комунални објекти (како што е направено кај другите видови објекти) туку е предвидено на општ начин дека овој надоместок изнесува 25% од градежната вредност за хотели, мотели, одмаралишта и сл, и 10% за индустриски објекти. Градежната вредност за двата вида објекти е определена во износ од 12.000,00 денари за метар квадратен. При тоа е предвидено за овие објекти дека инвеститорот ќе ја користи постојната инфраструктура, а СО Струга нема обврска за дополнителни вложувања во инфраструктурата.

5. Согласно член 38 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија, бр.10/79, 17/79, 37/80, 18/89, 21/91 и 71/96), изградбата на станбени, стопански, комунални и
други објекти, се врши на уредено градежно земјиште. Објектите од став 1 на овој член можат да се градат и на земјиште што не е уредено, но во тој случај, корисникот е должен, врз основа на договор, да го уреди земјиштето.

Согласно член 39 од Законот, уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на Програма, која ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистичкиот план, а по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот во делот на неговата надлежност.

Согласно член 40 од Законот, Програмата за уредување на градежното земјиште особено ги содржи следните елементи:

– подрачјето со поблиско определување на земјиштето што се уредува;
– обемот на уредувањето и степенот на опремувањето со комунални објекти и инсталации;
– пресметка на трошоците за уредување;
– изворите на финансирањето на уредувањето;
– начинот на здружувањето и насочувањето на средствата за уредување и
– динамиката на извршувањето на програмата.

Според член 41 од Законот, уредувањето на градежното земјиште се финансира од средствата остварени од неговото доделување, од надоместоците за уредувањето односно за употребата на градежното земјиште, од средствата на комуналните организации, средствата од самопридонес и од други средства. Средствата од став 1 на овој член се утврдуваат со Програмата.

Според член 42 став 3 и 4 од Законот, за градежно земјиште на кое се дозволува градба, а не се врши уредување на тоа земјиште, не може да се пропише обврска за плаќање на надоместок за уредување при издавањето на дозвола за градба. Тие односи се уредуваат тогаш кога ќе се почне со уредување на тоа земјиште.

Согласно член 43 од Законот, средствата остварени од надоместокот за уредување на градежното земјиште, се користат за намените утврдени со Програмата.

Од содржината на цитираните одредби, кои што во Законот за градежно земјиште се опфатени во глава ВИ, под наслов “уредување на градежното земјиште”, може да се утврди дека Републиката, како сопственик на градежното земјиште (член 2 од Законот), ги овластува собранијата на општините преку донесување на програми да го уредат начинот и постапката за уредување на градежното земјиште, во согласност со општите начела утврдени во Законот, При тоа, Законот во член 40 ја пропишал содржината на Програмите, а во член 41 изворите на финансирање на уредувањето на градежното земјиште. Како еден од изворите на финансирање е предвиден и надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Надоместокот за уредување на градежно земјиште претставува износ кој што корисникот на земјиштето (според терминологијата на Законот за градежно земјиште), односно инвеститорот (според терминологијата на Законот за просторно и урбанистичко планирање), го плаќа пред да добие решение за дозвола за градба. Во принцип, инвестирторот добива дозвола за градење на земјиште кое што е комунално и инфраструктурно уредено (член 38 став 1 од Законот), така што со плаќањето на овој надоместок ги плаќа трошоците кои што се претходно направени за уредување на земјиштето. По исклучок, доколку инвестиротот добие дозвола за градба на земјиште кое што претходно не е уредено, истиот е должен, врз основа на договор, да го уреди земјиштето, при што, во случај кога ќе се дозволи градба на градежно земјиште, а не се врши уредување на тоа земјиште, не може да се пропише обврска за плаќање на надоместок за уредување при издавањето на дозвола за градба, туку тие односи ќе се уредат тогаш кога ќе се почне со уредување на тоа земјиште (член 38 став 2 и член 42 став 3 и 4 од Законот за градежно земјиште).

Од смислата на ваквите законски одредби произлегува дека Законот за градежно земјиште како битен елемент при утврдувањето на висината на надоместокот за уредување на градежното земјиште ги зема стварните претходно направени трошоци за уредување на тоа земјиште, односно постоењето на еквивалентност во давањата за уредување на земјиштето и надоместокот кој што инвеститорот е должен да го плати, оставајќи простор ваквиот однос помеѓу инвеститорот и давателот на градежното земјиште и договорно да се уреди.

Следејќи ги овие основни принципи на Законот за градежното земјиште, доносителот на оспорената Програма – Собранието на Општина Струга, во Тарифата на просечните трошоци за уредување на градежното земјиште, која е составен дел на Програмата, утврдил посебни зони на градежно земјиште според степенот на опременоста и уреденоста на просторот и неговата местоположба и определил дека висината на надоместокот за трошоците за уредување на градежното земјиште ќе зависи од зоната во која се гради објектот, видот на објектот, местоположбата на објектот и неговата вредност. При тоа, објектите според видот ги определил на објекти за индивидуално становање, објекти за колективно становање, култура, уметност, здравство, управни згради и друго; хотели, мотели и одмаралишта; индустриски објекти; мини сервисна зона; објекти од стопански и друг карактер; и времени објекти. Висината на надоместокот за уредување на градежното земјиште за сите видови објекти е утврдена процентуално во зависност од градежната вредност на објектот и истовремено со Програмата е утврдена просечната градежна вредност за метар квадратен за различните видови на објекти. При тоа, следејќи го принципот на еквивалентност, доносителот на Програмата утврдил различни проценти во зависност од степенот на решеноста на инфраструктурата кај повеќето од наброените видови на објекти, додека кај објектите од видот – хотели, мотели, одмаралишта и слично и кај индустриските објекти, надоместокот го определил во висина од 25%, односно 10% од градежната вредност на објектот, која што ја утврдил во висина од 12.000,00 денари по метар квадратен, без оглед на инфраструктурната и комуналната опременост на земјиштето, при што определил дека инвеститорот ќе ја користи постојната инфраструктура и дека Собранието на Општина Струга нема обврска за дополнителни вложувања во инфраструктурата.

Имајќи го предвид изложеното, Судот оцени дека оспорениот дел од Програмата не е во согласност со одредбите од член 38 и 42 од Законот за градежно земјиште, бидејќи овозможува наплата на надоместокот за уредување на градежното земјиште и за земјиште кое инфраструктурно и комунално не е уредно и истовремено ја исклучува можноста на инвеститорот договорно да го уреди овој однос со Собранието на Општината, бидејќи предвидува дека Собранието на Општина Струга нема обврска за дополнителни вложувања во инфраструктурата, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.108/97)