145/1997-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 ноември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на решението У.бр.106/96, донесено од Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 16 април 1997 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Марко Тасевски од Битола, му поднесе иницијатива со која бара преиспитување на Решението У.бр.106/96 од 16.04.1997 година, со кое Судот ја запре постапката за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за донесување план за реализација на централното градско подрачје на Битола, донесена од Собранието на Општина Битола на 28 декември 1994 година, затоа што при спроведувањето на јавната расправа по нацрт-планот било истакнато решение со графички прилози од 1992 година, кое што веќе било укинато со решение на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.64/94 и затоа што Одлуката од 28.12.1994 година не била објавена во “Службен гласник на Општина Битола” и не биле изработени нови графички прилози на кои би стоел датумот кога е донесена Одлуката на Собранието на Општина Битола.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за донесување план за реализација на централното градско подрачје на Битола, донесена од Собранието на Општина Битола на 28 декември 1994 година, била објавена во “Службен гласник на Општина Битола” број 6 од 28 декември 1994 година, и дека во останатите наводи во иницијативата не се изнесуваат нови факти и околности кои би влијаеле за донесување поинаква одлука, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 145/97)