Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 ноември 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 4 од Законот за обезбедување средства во форма на кредит за предвремена исплата на дел од побарувањата на граѓаните по основа на штедни влогови (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/97).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на целината на Законот означен во точката 1 од ова решение, како и за оценување уставноста на член 2 од Законот.
3. На Уставниот суд на Република Македонија Здружението на штедачите на штедилницата и менувачница “ТАТ” од Битола, како и Александар Илиевски, Васко Таневски и Јове Димитровски од Битола, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точка 1 од ова решение во целина и одделно членовите 2 и 4. Законот во целина се оспорува затоа што штедачите се третирани како социјални случаи, а не како граѓани на кои треба да им се вратат пропаднатите штедни влогови по основ на заштита на правото на сопственост. Член 2 не бил во согласност со Уставот затоа што како корисник на кредитот го утврдувал семејното домаќинство, а не граѓанинот – штедач како единствен носител на права и обврски, што не ги признавал каматите на штедните влогови во основицата за пресметување на висината на кредитот и што ги исклучувал од правото на кредит оние штедачи што склучиле договор за повисока камата од пропишаната, со што се повредувало правото на сопственост и правата што произлегуваат од неа спротивно на член 30 од Уставот и се воспоставувала нееднаквост помеѓу штедачите спротивно на член 9 од Уставот.
Според наводите во иницијативата. член 4 не бил во согласност со Уставот затоа што со пропишувањето една категорија штедачи да го докажуваат потеклото на штедните влогови се повредувало правото на сопственост и штедачите се доведувале во нееднаква положба.
4. На седницата Судот утврди дека со Законот се утврдуваат обемот и изворите за обезбедување средства во форма на бескаматен кредит што го дава државата преку кој би се извршила предвремена исплата за штедните влогови на граѓаните од штедилниците “ТАТ”, “АЛФА С” и “ЛАВЦИ” според определени услови, потоа рокот на враќање на кредитот и техниката на исплатата.
Во чл.2 ст.1 од Законот под штедни влогови на граѓаните се подразбираат штедните влогови на сите членови на едно семејно домаќинство за кои постои касова евиденција во штедилницата. Според ст.2 на овој член, износот на штедниот влог на едно семејно домаќинство се утврдува како збир на штедните влогови на сите членови на семејното домаќинство кои живеат на иста адреса на денот на поведувањето на стечајната постапка, намален за вкупниот износ на припишани, односно припишани и исплатени или само исплатени камати по договори за штеден влог кои се затворени до тој ден или се се уште активни. Според ст.3 на овој член, за штедните влогови на граѓаните за кои ќе се утврди дека се склучени договори со камати поголеми од каматите пропишани со одлука од страна на штедилницата, како и користени кредити од штедилницата со камата пониска од каматата на штедниот влог, не подлежат на правото на исплата на средства по овој закон.
Откако во чл.3 ст.2 се утврдува дека на секое семејно домаќинство може да се исплатат најмногу 13.500 денари месечно како кредит, во оспорениот чл.4 ст.1 и 2 се утврдува дека за штеден влог поголем од 1.350.000,00 ден. правото на предвремена исплата според овој закон се остварува со претходно докажување на потеклото на средствата депонирани во штедилницата со документи од определен вид што се поднесуваат до стечајниот управник.
5. Според член 9 став 1 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од, меѓу другото, имотната положба, а согласно став 2 на овој член тие се еднакви пред Уставот и законите.
Со оглед на тоа што во оспорениот член 4 од Законот е пропишано дека за остварување на правата од законот штедачите чиј штеден влог е повисок од 1.350.000,00 денари треба да го докажуваат потеклото на штедниот влог, иако се во иста положба со другите штедачи во поглед на критериумите за примена на Законот, пред Судот се постави прашањето дали со тоа не се создава нееднаквост помеѓу штедачите по основ на имотната положба, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот во редот на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Согласно член 68
од Уставот, Собранието на Република Македонија е овластено да донесува закони.
Разгледувајки го прашањето за уставната допуштеност на законот во целина, Судот оцени дека тој претставува акт со кој Република Македонија воведува кредит заради ублажување на последиците од ударот што врз економската моќ на штедачите го предизвика пропаѓањето на означените штедилници и од тој аспект има очигледна социјална функција. Тој закон на ниеден начин не навлегува во односите помеѓу штедачите и штедилниците, ниту ги супституира редовните постапки пропишани за такви ситуации, ниту пак негова цел е исплата на штедните влогови и каматите. Имајки го тоа предвид, Судот смета дека од уставно правно становиште не е во несогласност со Уставот со закон да се воведува кредитирање на определени субјекти заради остварување на цели на социјална правда и солидарност, независно од целисходноста на законските решенија кои спаѓаат во сферата на водењето на социјалната политика и за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
Изнесеното сфаќање на правната природа на Законот е основ и за оценувањето на уставноста на оспорениот член 2 од Законот. Во тој член се утврдуваат критериумите за определување на субјектите на кои се однесува кредитот што се дава со законот и за утврдување на неговата висина во месечни рати. Во согласност со тоа определувањето на семејното домаќинство како корисник на кредитот е израз на оценката на законодавецот за потребната мерка на социјалната правда што со овој закон сака да ја постигне и тоа не е во несогласност со означениот член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, затоа што објект на социјалната подршка секако може да биде и семејното домаќинство по различни основи. Исто така, начинот на пресметување на основицата за утврдување на релативната висина на месечните примања по основ на овој закон е еднаков за сите корисници на правото, што не ги доведува нив во нееднаква положба во смисла на член 9 од Уставот, имајки предвид дека со овој закон не се исплаќаат главници, ниту камати на штедни влогови, туку се дава кредит. Конечно, Судот оцени дека со исклучувањето од правото на кредит на оние штедачи и нивни семејни домаќинства што договориле повисоки камати од пропишаните во смисла на став 3 на овој член од Законот не се повредува принципот на нееднаквост затоа што нееднаквиот третман во законот е заснован на фактички нееднаква положба создадена со штедење насочено кон шпекулативни цели надвор од пропишаните услови. Во таа смисла, право е на Републиката во рамките на одредување на условите под кои презема социјална интервенција во конкретната ситуација да го исклучи шпекулирањето како основ за социјалната подршка.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Судот оцени дека со примената на оспорениот член 4 од Законот не може да настанат тешко отстранливи последици поради што не го уважи барањето да го запре извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на тој член до донесување конечна одлука.
8. Ова решение во точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови, а во точката 2 едногласно, во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.166/97)