Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 ноември 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 27 став 1 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97) во делот
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 27 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Стевче Аврамовски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 27 став 1 и 2 од законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи оваа одредба ја ограничувала слободата на работа и пристапноста на сите државјани на Република Македонија до работните места односно ги делела државјаните на повластени и дискриминирани. Тоа што било уредено со Законот дека агенција за посредување за вработување во земјата со наплата може да основа лице кое има најмалку ВИ степен стручна подготовка како и дека лицата кои работат на посредување за вработување во агенцијата исто така треба да имаат најмалку ВИ степен стручна подготовка не било во согласност со членовите 9 и 32 став 1 и 2 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 27 став 1 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, агенција за посредување за вработување во земјата со наплата, може да основа лице кое е државјанин на Република Македонија, има најмалку VI степен стручна подготовка и располага со погодни работни простории во согласност со закон. Според ставот 2 на овој член лицата кои работат на посредување за вработување во агенцијата од став 1 на овој член, треба да имаат најмалку VI степен стручна подготовка.
5. Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 3 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, кои можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Согласно Конвенцијата бр.111 за дискриминација во областа на вработувањето и занимањето усвоена од Општата конференција на меѓународната организација на трудот на 25 јуни 1958 година (стапила во сила на 15 јуни 1960 година), за целта на оваа Конвенција изразот “дискриминација” подразбира секое разликување, исклучување или предност засновани врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до уништување или намалување на еднаквоста во поглед на можностите или третманот во областа на вработувањето или занимањето.
Согласно истата Конвенција, разменувањето, исклучувањето или предноста заснована на стручност која се бара за одредена работа не се сметаат за дискриминација.
Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност ги уредува прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавците, невработените лица и државата во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност како и други прашања од значење за вработувањето.
Законот определил дека стручните, организационите, административните и други работи што се однесуваат на вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност ги врши Заводот за вработување на Република Македонија чија дејност е од јавен интерес. Понатаму, Законот предвидел можност, работодавецот потребата од работник да може да ја задоволи и преку агенција за посредување при вработување со наплата од работодавецот во согласност со договор склучен меѓу работодавецот и агенцијата.
При тоа законодавецот определил три услови под кои може да се основа агенција и тоа: лицето да е државјанин на Република Македонија, да има најмалку ВИ степен стручна подготовка и да располага со погодни работни простории во согласност со закон. Исто така и лицата кои работат на посредување за вработување во овие агенции треба да имаат најмалку VI степен стручна подготовка.
Токму одредбата од Законот според која за основачот се предвидува услов да има најмалку VI степен стручна подготовка, според мислењето на Судот ја ограничува слободата на претприемништвото на основачот, кој во конкретниот случај е претприемач, надвор од можностите за ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото утврдени со Уставот. Имено, според мислењето на Судот, основач на агенција за посредување при вработување може да биде секој граѓанин со било какво образование кој ќе има обврска да вработи во агенцијата лица со соодветна стручна подготовка. Во таа смисла се и одредбите од законот според кои одобрение за вршење на посредување за вработувње со наплата дава министерот надлежен за работите на трудот. Ова одобрение може да биде одземено ако се утврди дека посредувањето се врши спротивно на одредбите на законот, а увидот во работењето на агенциите го врши Министерството надлежно за работите на трудот.
Во однос на истиот услов за лицата кои работат на посредување за вработување во овие агенции, Судот смета дека ова условување се заснова исклучиво на стручноста што е потребна за обавување на работата на агенциите, имајќи предвид дека агенциите за посредување при вработување вршат посебен вид интелектурални услуги кои во основа се состојат во обезбедување на работна сила на искажани потреби на работодавачите со соодветен надомест и дека овие услови претпоставуваат и бараат стручни знаења и искуство.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Тодор Џунов.
(У.бр.183/97)