120/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 ноември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 16 и 17 од Правилникот за утврдување на личниот доход на работниците во Министерството за внатрешни работи, донесен од министерот на 2 декември 1991 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Независниот синдикат на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение затоа што оспорените членови не биле во согласност со член 5 од Уставот, со Законот за работни односи, Општиот колективен договор за јавни служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопански дејности, затоа што за кршење на работната дисциплина или за неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, работодавецот може на работникот да му даде отказ, како што е утврдено во законот а не да му го намали личниот доход.

Понатаму, оспорените одредби не биле во согласност со законот затоа што правата од работниот однос се уредуваат со закон и колективен договор, при што тие права не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавецот.

Исто така, оспорените членови не биле во согласност со Уставот затоа што не е предвидено право на жалба – приговор против првостепеното решение на министерот и не бил оформен ниту второстепен орган кој би одлучувал по жалбите-приговорите на работниците, а одлуката на министерот била веднаш извршна односно жалбата или приговорот не го одлагало нејзиното извршување.

3. На седницата Судот утврди дека во член 16 од Правилникот е предвидено дека на орга низациона единица на Министерството која со зголемено ангажирање ќе оствари натпросечни резултати во извршувањето на работата односно на работник кој во работата ќе покаже натпросечни резултати во извршувањето на работите и задачите, може да се утврди зголемен личен доход најмногу во износ до 30% од тековниот личен доход.

Писмен предлог во смисла на став 1 на овој член за организациона единица поднесува потсекретарот на СЈБ односно СДБ до Колегиумот на министерот за внатрешни работи.

Писмено образложен предлог во смисла на став 1 на овој член може да поднесе раководен работник кој раководи со соодветната служба или организациона единица каде работникот ги извршува работите и задачите односно началникот на Управа за внатрешни работи – за работник на Управата, началникот на Одделение за внатрешни работи за работник на Одделението. Предлогот се поднесува до стручниот колегиум на СЈБ односно СДБ во седиштето на Министерството и доколку истиот се прифати, предлогот се доставува до Колегиумот на министерот за внатрешни работи.

Решение за утврдување на зголемен личен доход за организациона единица односно работник донесува министерот за внатрешни работи и истото се реализира најкасно до наредниот месец.

Понатаму, во член 17 е предвидено дека на организациона единица на Министерството која не ги остварува предвидените резултати во извршувањето на работите на таа единица, како и на работник кој не ги врши предвидените работи и задачи односно не ги врши на задоволителен начин, може да му се намали личниот доход до 30% од тековниот личен доход, но не помалку од загарантираниот личен доход.

Во случајот од став 1 на овој член се применуваат одредбите од член 16 став 2, 3 и 4 на овој правилник.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законте.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува.

Со оглед на тоа што оспорениот акт не регулира односи во вршењето на функцијата на министерството туку регулира прашање од работен однос, Судот смета дека тој не претставува пропис во смисла на член 51, 52 и 110 од Уставот и не е подобен за уставно судска оценка.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Тодор Џунов. (У.бр.120/97)