Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 октомври 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката на Јавното претпријатие “Комуналец” од Кавадарци со која граѓаните се задолжени со сметките за вода да плаќаат манипулативни трошоци од 2 денари.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Зоран Манчев преку адвокатот Манчо Манчев од Кавадарци му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, бидејки плаќањето на определен износ на име манипулативни трошоци независно од потрошувачката на вода за секој корисник претставувало воведување посебна јавна давачка за корисниците на вода што било во спротивност со членовите 33 и 68 од Уставот според кои даноците и јавните давачки се плаќале на начин утврден со закон.
3. Судот на седницата утврди дека ЈП “Комуналец” нема донесено Одлука за задолжување на граѓаните да плаќаат манипула- тивни трошоци од 2 денари на сметките за вода.
4. Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед дека ЈП “Комуналец” нема донесено посебен акт со кој се воведува плаќање манипулативни трошоци, а наплатата од 2 денари на сметките за вода претставува покривање на трошоците за работа, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување на Судот по иницијативата поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.160/97)