Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 октомври 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Статутот на Акционерското друштво за угостителство и туризам “Македонија” Гостивар.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Добривоје Новески од с.Бањица-Гостивар во име на 24 акционери на АДУТ “Македонија” Гостивар му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Статутот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тој не бил донесен со кворум од сите вработени – акционери, туку од помал број акционери кои имале повеќе акции и истиот содржел одредби со кои се исклучувале од управување со Друштвото акционерите со помал број акции, што не било во согласност со Уставот и закон.
3. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што оспорениот статут не претставува пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот и е непогоден за уставно-судска оценка, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.178/97)