55/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 октомври 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 63 точка 3 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.55/97 од 2 јули 1997 година поведе постапка за оценување уставноста на член 63 точка 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на оваа одредба од Законот, со одредбите на членовите 9, 28 став 1 и 54 став 1 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 63 точка 2 од Законот за одбрана, од обврската за служење на воениот рок, покрај другите лица определени со овој член, се ослободува и лице кое ќе стекне државјанство на Република Македонија со природување или врз основа на меѓународни договори, ако во земјата чиј што државјанин било, го отслужило воениот рок, односно ако наполнило 27 години живот.

Според оспорената точка 3 од овој член на Законот, од обврската за служење на воениот рок се ослободува лице кое покрај македонското примило и странско државјанство, освен ако само не побара да биде упатено на служење на воениот рок.

5. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 28 став 1 од Уставот е утврдено дека одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин, а според ставот 2 од овој член на Уставот, остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Правата и должностите на граѓаните во одбраната на Републиката, во согласност со член 2 од Законот за одбрана, се: да извршуваат воена обврска, да учествуваат во цивилната заштита, да извршуваат работна обврска и да извршуваат материјална обврска.

Според член 4 од овој закон, воената обврска на граѓаните се состои од: регрутна обврска, обврска за служење на воен рок и обврска за служење во резервен состав.

Тргнувајќи од наведените одредби јасно произлегува дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, дека нивните слободи и права можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, дека одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин и дека остварувањето на тоа право и должност на граѓаните се уредува со закон. Понатаму, формите и начините низ кои се операционализира одбраната на Републиката како право и должност на сите граѓани е уредено со Законот за одбрана, а обврската за служење на воениот рок е елемент од извршувањето на воената обврска, како дел од правата и должностите на граѓаните во одбраната на Републиката. Според мислењето на Судот, смислата и целта на уставната одредба за одбраната на Република Македонија како право и должност на секој граѓанин, произлегува од положбата на граѓанинот во системот на одбраната и кореспондира со целината на корпусот на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот. Според тоа, одбраната на Република Македонија со Уставот е утврдена како право и должност на секој граѓанин, така што не може никој кој подлежи на таква обврска да биде ослободен од служење на воен рок, како есенцијална содржина на воената обврска.

Понатаму, според член 4 став 1 од Уставот граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија, а според член 2 од Законот за државјанство на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92), државјанин на Република Македонија може да има и државјанство на друга држава. Државјанин на Република Македонија кој има државјанство на друга држава, во Република Македонија се смета исклучиво за државјанин на Република Македонија, ако со меѓународен договор не е поинаку определено. Според тоа, ослободувањето на лицата од обврската за служење на воениот рок, содржано во оспорената одредба, според мислењето на Судот е всушност доведување на овие лица во привилегирана положба во однос на другите граѓани, со што се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што Судот оцени дека таа одредба од Законот не е во согласност со наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.55/97)