148/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 октомври 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/97), во целина и посебно на член 1 од Законот.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Синдикатот на металците, енергетичарите и рударите на Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорениот закон, особено со неговиот член 1 со кој се додава нов член 11-а и понатаму се суспендирало важењето на одредбите на Законот за работните односи и колективните договори што се однесувале на плати и надоместоци на плати и уставното право на уредување на тие односи со колективен договор. Со таквата пракса воспоставена од 1993 година, се напуштал трипартизмот во колективното договарање, не се почитувал уставниот карактер на колективните договори како начин и средство за изразување на Републиката како правна, социјална и демократска држава и се суспендирал Законот за работните односи и сите останати акти. Понатаму, подносителите на иницијативите укажуваат на контрадикторноста и неспроведливоста на членот 1 од Законот, така што неможе да биде јасно дали правните лица ќе го применуваат член 11 или пак, членот 11-а од Законот. Исто така, го поставуваат и прашањето од целисходноста на таквиот закон кога и така во Републиката во последните неколку години, зголемувањето на платите на годишно ниво изнесувало само 2 до 3%.

Според Сојузот на синдикатите на Македонија целиот Закон, а особено член 1 од Законот не бил во согласност со член 32 став 3 и 5 од Уставот, а според Синдикатот на металците, енергетичарите и рударите на Македонија, покрај тоа, членот 1 од Законот не бил во согласност и со член 55 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот, во Законот за исплата на платите во Република Македонија се додава нов член 11-а според кој по исклучок од членовите 3 и 4 на овој закон, исплатата на нето платите до 31 декември 1997 година кај правните лица со седиште во Република Македонија, освен кај правните лица кај кои сите средства се во приватна сопственост, се врши најмногу до нивото на последно исплатената плата заклучно со 9 јули 1997 година.

Со член 2 од Законот, се вршат соодветни усогласувања во делот на казнените одредби, а со член 3 од Законот се уредува прашањето за објавувањето и влегувањето во сила на Законот.

4. Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според ставот 5 од овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од овие уставни одредби произлегува дека секој вработен има право на соодветна заработувачка (плата) и тоа соодветна како право што произлегува од неговиот статус на вработен, а остварувањето на тоа право, како и на другите права по тој основ, се уредуваат со закон и со колективни договори. Според тоа, правото на соодветна заработувачка е уставно право на секој вработен и обврска на државата преку законското уредување да обезбеди правна основа за нивното остварување.

Според член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, според ставот 2 од овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а според ставот 3 од овој член на Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.

Со член 57 од Уставот се уредува дека Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на недоволно развиените подрачја.

Од овие уставни одредби, како и од целината на Уставот, произлегува дека во економската сфера улогата на државата е ограничена на поттикнување на економскиот напредок и тоа преку гаранциите на слободата на пазарот и претприемништвото и на правата кои произлегуваат од сопственоста, како и со преземање мерки против монополските состојби.

Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија е донесен поради истите причини и начела како и Законот за исплата на платите во Република Македонија кој беше оспоруван пред Уставниот суд и по кој Судот не поведе постапка, односно ги отфрлаше иницијативите (У.бр.127/95 од 17 мај 1995 година; У.бр.165/95 и У.бр.167/95 од 24 мај 1995 година; У.бр.22/96 од 14 февруари 1996 година; У.бр.38/96 од 29 мај 1996 година и У.бр.190/96 од 9 октомври 1996 година).

Имено, нивото на производството и на платите во првата половина на 1997 година и натаму ја наметнувале потребата од контролирање на тие движења, за кои Собранието на Република Македонија, врз основа на уставните овластувања за донесување на закони, со оспорениот закон, по исклучок на членовите 3 и 4 од Законот за исплата на платите, исплатата на нето платите до 31 декември 1997 година кај правните лица со седиште во Републиката, освен кај правните лица кај кои сите средства се во приватна сопственост, определило да се врши најмногу до нивото на последно исплатената плата заклучно со 9 јули 1997 година. Ваквата мерка е со цел за стабилизирање на макроекономските текови во Републиката.

Со оглед на тоа што оспорениот закон во суштина е идентичен со одредбите од Законот за исплата на платите во Република Македонија, кој беше предмет на оцена пред Уставниот суд, Судот расправал за спорните прашања содржани во иницијативата и за нив зазел определен став. Според тој став, со оспорениот закон, особено со неговиот член 1, се уредуваат прашања кои значат разработка на уставното право на работникот на соодветна заработувачка и начинот на остварувањето на тоа право, како право од работен однос и дека во таа функција се врши контрола на монетарната политика преку влијанието на движењето на платите, а заради остварување на стабилизација на економските текови и на стопанството во целост, како и заради остварување на обврските на државата во вршењето на нејзината социјална функција.

Тргнувајки од околноста дека Судот веќе расправал за суштината на прашањата што се покренати со иницијативата, според мислењето на Судот нема причични за поинакво одлучување, поради што оцени дека нема основ да се постави прашањето за согласноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, во целина и посебно на член 1 од Законот со Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата дека се напуштал трипартизмот во колективното договарање и за суспензивното дејство на оспорениот закон во однос на Законот за работните односи, како и за нецелисходноста, контрадикторноста и неприменливоста на оспорениот закон, Судот оцени дека се прашања за кои Судот согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.148/97)