Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовит 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 септември 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА “Известувањето” на министерот за здравство бр.09-573 од 31 јануари 1997 година упатено до сите јавно здравствени организации во Република Македонија.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставнот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од прим.д-р Велимир Јовановски, педијатар од Скопје и д-р Димитрија Најдовски од Работната едница за ПЗЗ Чаир од Скопје, со Решение У.бр.65/97 од 9 јули 1997 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија, со Законот за здравствена заштита и со Законот за работните односи.
4. Судот на седницата утврди дека со одделни одредби од “Известувањето” се уредуваат односи кои не се однесуваат само на договорните субјекти односно на здравствената организација и лекарот, туку се однесуваат и на граѓаните корисници на услугите на здравствената дејност. Имено, во оспореното известие покрај другото е предвидено дека: консултативно-терапевтски услуги укажува здравствен работник кој искажал сопствена желба, а има 10 години работно искуство како доктор од општа медицина или 3 години специјалистички стаж; консултативно-терапевтски услуги ќе се вршат на лично барање на корисникот на здравствената услуга; цената на поединечната здравствена услуга ја плаќа корисникот од сопствени средства; висината на цената на поединечната здравствена услуга – консултација, изнесува 1.000,00 денари во бруто износ; во цената на услугата не влегуваат надоместоците што се прават за клинички, лабораториски, рендгенски и други здравствени услуги, односно здравствени услуги од други здравствени работи; за овој вид на услуги ќе важат цените на Фондот за здравствено осигурување; здравствениот работник може да дава услуги најмногу 4 (четири) часа во една седмица; здравствениот работник услугите не може да ги врши во рамките на редовното работно време.
Со означените одредби од известието Судот оцени дека се уредуваат општи услови за вршење на “дополнителната дејност” што треба да ги исполнуваат лекарите. Се утврдува цената што ја плаќаат граѓаните за дадената услуга и нивното право да бараат давање на таква услуга под предвидените услови; се определува што влегува, а што не влегува во таа цена; се утврдува работно време во кое може да се даваат наведените услуги и се забранува тие услуги да се даваат во редовното работно време, што значи дека истите може да се даваат дополнително надвор од работното време.
Поради ваквите норми произлегува дека и покрај непропишаната форма, актот по својата содржина и суштина претставува општ нормативен акт со кој се уредуваат односи кои немаат само интерен туку и екстерен карактер.
5. Според член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Согласно член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Заради обезбедување на здравствена заштита, односно обезбедување на одредени права во случај на болест и повреда и други права од здравствената заштита, врз начелата на заемност и солидарност, со Законот за здравствена заштита (“Службен весник на РМ” бр.38/91, 46/93 и 55/95) се установува задолжително здравствено осигурување, а за одделни видови права од здравствената заштита се установува доброволно осигурување (член 3).
Во Законот се утврдени видовите на правата што се обезбедуваат во рамките на задолжителното осигурување, определени се осигурениците, утврден е начинот на плаќање на услугите од страна на осигурениците и другите корисници, утврдени се видовите на здравствени организации и се определени условите што треба да ги исполнуваат лицата што можат да укажуваат здравствена заштита.
Здравствената дејност е прогласена за дејност од посебен општествен интерес односно од јавен интерес (член 9 од пречистениот текст на Законот) и е определен начинот на остварување на тој интерес, а постојните здравствени оргнаизации од денот на влегувањето во сила на овој закон продолжуваат да работат како јавни здравствени организации, при што основачките права ги презема Република Македонија (член 200 од пречистен текст на законот).
Во глава ИЏ од Законот се утврдени условите за самостојно вршење на здравствена дејност со личен труд, при што, покрај другото, е предвидено лицето да има соодветна опрема и простории и да не е во работен однос или да не остварил право на пензија. Поблиските услови во однос на просторот и опремата за вршење на здравствена дејност самостојно со личен труд ги пропишува Министерството за здравство. Одобрение за вршење на здравствена дејност самостојно со личен труд издава Минситерството за здравство (член 128 и 129 од Законот – пречистен текст).
Според член 127 односно 133 од Законот – пречистен текст, здравствената дејност не може да се врши со личен труд како дополнителна дејност.
Од изнесеното произлегува дека со Законот се утврдени условите под кои може да се врши здравствената дејност и условите што треба да ги исполнуваат лицата кои можат да укажуваат здравствена заштита како во јавните здравствени организации така и самостојно со личен труд, при што министерот за здравство не е овластен со свој акт да определува посебни услови за вршење на оваа дејност во рамките на јавните здравствени организации.
Понатаму, со Законот е изрично забрането здравствената дејност да се врши со личен труд како дополнителна дејност, што посебно се однесува на јавните здравствени организации. Исто така со Законот е предвидена обврска за лицата што со личен труд ќе вршат дејност да обезбедат простории и опрема под услови пропишани од Министерството.
Според тоа здравствената дејност со личен труд можат да ја вршат само лица кои не се во редовен работен однос, при што со закон не е допуштено истата да се врши дополнително после редовното работно време.
Понатаму, со Законот за работните односи (“Службен весник на РМ” бр.80/93) е определена должината на работното време и условите под кои работното време на одредени работни задачи може да биде пократко или подолго од предвиденото, при што, според член 39 распоредот, почетокот и завршетокот на работното време во областа на здравството се утврдува со закон или со акт на органот на државната управа од соодветната област.
Од оваа одредба произлегува можност, ако со закон не е определено работното време во здравството тоа да го утврди Министерството за здравство како соодветен орган на државната управа, при што утврденото работно време треба да се движи во рамките на должината на вкупното работно време во неделата утврдено со Законот за работните односи, да обезбеди континуирана медицинска помош во текот на 24 часа (член 46 од Законот за здравствена заштита), но и да обезбеди дневен и неделен одмор во смисла на член 32 од Уставот и на одредбите од Законот за работните односи.
Во Законот за здравствена заштита се определени изворите на средства за остварување на здравставената заштита и е определен начинот на учество на граѓаните во обезбедување на тие средства. Така, според членовите 5 и 62 до 64 од Законот средства за здравствена заштита, покрај другото, се обезбедуваат од платите на работниците односно од средствата на граѓаните и лични средства на осигурениците, односно граѓаните.
Во член 78 од Законот е определена висината на средствата со кои граѓаните учествуваат во цената на здравствената услуга и на лековите, определени се лицата кои се ослободуваат од учество со лични средства, при што не е дадено овластување за друг орган или функционер кој раководи со државен орган да го уредува ова прашање на поинаков начин.
Исто така, со Законот е предвидено дека цените на здравствените услуги ги утврдуваат заедницички здравствените организации и Министерството за здравство и тоа врз основа на претходно утврдени критериуми, нормативи и стандарди. Тоа значи дека министерот не е овластен самостојно да утврдува цени за одредени здравствени услуги.
Во Законот е предвидена обврска ако по барање на корисникот здравствените услуги се пружаат под посебни услови и над утврдените стандарди дополнително да се доплатува, при што ценовникот за вакви услуги самостојно го утврдува здравствената организација, што значи тука министерот нема никаква улога.
Со оглед на тоа што со оспорениот акт на министерот за здравство се допушта вршење на здравствената дејност со личен труд како дополнителна дејност што не е допуштено со Законот, што утврденото работно време за вршење на дополнителната работа излегува надвор од рамките на со закон утврденото работно време, со што не се обезбедува дневен и неделен одмор на здравствените работници, што се гарантира со член 32 став 4 од Уставот и со одредбите на Законот за работните односи, што со него се определува учество на граѓаните во обезбедување на лични средства за здравствена заштита, што е прашање уредено со Законот и не е допуштено министерот да определува други можни облици на учество на граѓаните со лични средства, што со него се определуваат цени за користење на здравствените услуги, за што со законот министерот не е овластен да одлучува, Судот оцени дека тоа не е во согласност со наведените уставни и законски одредби.
Понатаму, со оглед на тоа што според својата содржина оспорениот акт има карактер на пропис, Судот оцени дека не е во согласност и со член 52 од Уставот, од причини што со него ниту е предвидено негово објавување, ниту, пак, фактички е објавен.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 65/97)