Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 септември 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата на Драган Петрушевски од Скопје, за дополнување на Кривичниот законик на Република Македонија.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Драган Петрушевски од Скопје, му поднесе иницијатива во која наведува дека поранешниот Кривичен закон бил подобар од сегашниот Кривичен законик на Република Македонија, бидејќи сегашниот Кривичен законик не ги содржел сите одредби од поранешниот, односно дека злонамерно биле испуштени одредби кои би ја спречувале злоупотребата на службената положба и грабежот на општествениот имот, со што се оставало простор и за други злоупотреби. Предлага отпочнување на постапка за дополнување на Кривичниот законик со одредби кои би ги санкционирале ваквите злоупотреби.
3. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува, помеѓу другото, за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи предвид дека предлагачот со иницијативата бара отпочнување на постапка за дополнување на Кривичниот законик на Република Македонија со нови одредби, Судот најде дека ваквото барање не спаѓа во доменот на надлежностите на Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.125/97)