Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 септември 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за времена забрана за експлоатација на песок од коритото и крајбрежието на Црна Река на територијата на општина Росоман бр.03-02/8, донесена од Советот на општината Росоман на 27 декември 1996 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Владата на Република Македонија, со Решение У.бр.87/97 од 9 јули 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и Законот за водите.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука времено се забранува експлоатацијата на песок од коритото и крајбрежито на Црна Река на територијата на општина Росоман, за сите правни лица. Одлуката стапува во сила со денот на нејзиното донесување.
5. Според член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Во согласност со член 115 став 1 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, покрај другото и во областа на урбанизмот, комуналните дејности и во други области утврдени со закон. Според ставот 2 од овој член, општината е самостојна во вршењето на надлежноста утврдена со Уставот и закон, а надзорот врз законитоста на нејзината работа го врши Републиката, а според ставот 3 од овој член на Уставот, Републиката со закон може да довери вршење на определени работи на општината.
Според член 17 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95), единиците на локалната самоуправа самостојно ги уредуваат регулацијата, одржувањето и користењето на коритата на реките во согласност со закон.
Според член 11 од Законот за водите (“Службен весник на СРМ” бр.6/81, 37/87, 51/88 и “Службен весник на Република Македонија” бр.83/92), водите се добро од општ интерес и се под посебна општествена заштита. Користењето на водите се врши на начин и под услови утврдени со овој закон. Исто така, со членовите 95 до 97 е утврдено, вадењето на песок, чакал и камен да се врши со одобрение на Управата за водостопанство. Кон барањето за вадење на песок, чакал и камен од водостопанските организации кои го организираат тоа, се поднесува техничка документација која содржи податоци неопходни меѓу другото и за одржување и подобрување на режимот на водите, заштитата на коритата и бреговите на водотеците и езерата.
Во овој закон, во однос на користењето на коритата и бреговите на водотеците и езерата, односно за вадење на песок, чакал и камен не е утврдена надлежност на општината.
Тргнувајќи од анализа на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека реките и речните корита, па според тоа и песокот од речните корита и нивното крајбрежие, се добра од општ интерес за Републиката, дека начинот и условите на нивното користење се уредува со закон, понатаму, дека општината може да ја уредува регулацијата, одржувањето и користењето на коритата на реките но во согласност со закон. Имајќи предвид дека во конкретниот случај со оспорената одлука времено се забранува експолатацијата на песок од коритото и крајбрежието на Црна Река, што според мислењето на Судот, не е во согласност со режимот на користењето на водите и вадењето на песок, чакал и камен од речните корита и нивните крајбрежија, утврден со Законот за водите, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот и Законот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.87/97)