Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 10 септември 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а) Деловникот за работа на град Скопје, донесен од Советот на град Скопје на 20 декември 1996 година;
б) Одлуката за начинот и постапката за именување директори и членови на органите на јавните претпријатија, донесена од Советот на град Скопје на 7 февруари 1997 година;
в) Одлуката за времено организирање на работата на Советот на град Скопје, неговите тела и служби и на органите на град Скопје, донесена од Советот на град Скопје на 20 декември 1996 година.
г) Одлуката за формирање на Комисија за статут, донесена од Советот на град Скопје на 7 февруари 1997 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.3/97);
д) Одлуката за формирање Комисија за изготвување Деловник за работа на Советот на град Скопје, донесена од Советот на град Скопје на 7 февруари 1997 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.3/97);
ѓ) Одлуката за формирање на Комисија за буџет, донесена од Советот на град Скопје на 7 февруари 1997 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.3/97);
е) Одлуката за формирање на надзорен одбор, донесена од Советот на град Скопје на 7 февруари 1997 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.3/97);
ж) Одлуката за формирање на Административна комисија, донесена од Советот на град Скопје на 7 февруари 1997 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.3/97) и
з) Одлуката за формирање на Комисија за меѓународна соработка, донесена од Советот на град Скопје на 7 февруари 1997 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.3/97).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативите од Владата на Република Македонија, Јавното претпријатие за комунална хигиена – Скопје и Раде Ненадиќ – советник во Советот на град Скопје, поведе постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за законитоста на постапката при нивното донесување, односно за согласноста со Законот за локалната самоуправа.
4. Судот на седницата утврди дека:
а) со Деловникот за работа на Советот на град Скопје времено се уредува работата на Советот на град Скопје и тоа: начинот и постапката за верификација на мандатите на членовите на Советот, изборот на кандидационата комисија, начинот и постапката за избор на претседавач и секретар на Советот и начинот на давањето на свечената изјава.
Деловникот е донесен на првата конститутивна седница на Советот на град Скопје, одржана на 20 декември 1996 година на која присуствувале 25 членови;
б) со Одлуката за начинот и постапката за именување директори и членови на органите на јавните претпријтија, градот Скопје во својство на основач, го уредува начинот и постапката за именување директори во јавните претпријатија и членови на органите на јавните претпријатија во дејностите снабдување со вода за пиење, одведување на атмосферски и отпадни води, јавна чистота, депонирање на смет, одржување на паркови и други зелени површини, одржување на улици и патишта, јавен автобуски превоз на патници и гробишта и закопи.
Оваа одлука е донесена на седницата на Советот на град Скопје која е одржана без законски предвидениот потребен број советници (присуствувале само 13 советници);
в) Со Одлуката за времено организирање и работа на Советот на град Скопје, неговите тела и служби и органите на град Скопје се уредуваат прашања во врска со организацијата на работата на Советот на град Скопје: свикување и раководење со седниците на Советот, одлучувањето, работните тела и служби на Советот, неговата надлежност, начинот на донесување на актите на Советот и други прашања од надлежност на градот, до донесувањето статут на град Скопје.
Оваа одлука е донесена на седницата од 20 декември 1996 година на која присуствувале 25 советници (што значи дека имало потребно мнозинство), од кои 14 гласале “за”, а 11 советници “против”;
г) Со одлуката за формирање Комисија за статут, се утврдува нејзиниот делокруг, бројот на членовите и нејзиниот состав.
Оваа комисија има право и должност да: изготви и достави до Советот на град Скопје предлог за донесување нацрт и предлог на статут на град Скопје; да покренува иницијатва и да ги проучува мислењата , предлозите и стугестиите што се однесуваат на Статутот и да предлага негово изменување и дополнување.
Според оваа одлука, претседателот на Комисијата, по функција, е претседавач на Советот на град Скопје, а во работата на Комисијата, со сите права на нејзин член, учествува и градоначалникот на град Скопје.
Одлуката е донесена на седницата на Советот на град Скопје од 7 февруари 1997 година на која присуствувале само 13 советници, односно на седница на која немало според Законот, потребен број советници за работа.
д) Со Одлуката за формирање Комисија за изготвување Деловник за работа, Комисијата се задолжува да изготви и да достави до Советот на град Скопје предлог за донесување нацрт и предлог на Деловник на Советот на град Скопје.
Оваа Одлука е донесена на седницата на Советот од 7 февруари 1997 година на која присуствувале само 13 советници, односно седницата била одржана без законски предвидениот број советници за одлучување.
ѓ) Со одлуката за формирање Комисија за буџет се определува делокругот на нејзината работа: ги следи, разгледува и анализира појавите, проблемите и прашањата во врска со финансирањето на функциите на градот Скопје, ги разгледува нацртот и предлогот на буџетот и завршната сметка на буџетот на градот; ги следи состојбите со изворните приходи на градот и остварува увид во реализцијата на планираните расходи и предлага мерки од делокругот на нејзиното работење.
Одлуката е донесена на седницата на Советот одржана на 7 февруари 1997 година, без законски потребниот број советници за работа (присуствувале само 13 советници).
е) Со Одлуката за формирање Надзорен одбор се утврдува неговиот делокруг на работа: врши надзор над материјалното и финансиското работење на градот Скопје и го информира Советот на градот Скопје и Министерството за финансии за резултатите од надзорот.
Според оваа одлука, надзорниот одбор има право од органите и службите на Градот да бара известување, појаснување и податоци што и се потребни за работа, а што се од делокруг на работа на тие органи и служби.
Одлуката е донесена на седницата на Советот од 7 февруари 1997 година, одржана без законски потребниот број советници (присуствувале само 13 советници);
ж) Со Одлуката за формирање Административна комисија се определува делокругот на нејзината работа; донесува акти за платите на функционерите што ги избира Советот на град Скопје и на раководителите на управните и административните органи на Градот, што ги именува градоначалникот.
Според оваа одлука, Административната комисија донесува акти за платите и за другите примања на градоначалникот, на функционерите што ги избира Советот на градот Скопје и на раководителите на управните и административните органи на градот Скопје што ги именува градоначалникот, донесува поединечни решенија за висината на нивните плати и други примања.
Одлуката е донесена на седницата на Советот од 7 февруари 1997 година, одржана без законскиот потребен број советници (присуствувале само 13 советници) и
з) Со Одлуката за формирање на Комисија за меѓународна соработка се определува делокругот на нејзината работа: разгледува прашања на остварување и развивање на соработката на градот Скопје и неговите органи со единиците на локалната самоуправа и други земји и нивните органи, со странски и меѓународни организации и институции и му предлага на Советот на град Скопје конкретни форми на соработка, како и други мислења и предлзи што произлегуваат од соработката.
Одлуката е донесена на седницата на Советот од 7 февруари 1997 година, одржана без законски предвидениот број советници за одлучување (присуствувале само 13 советници).
5. а) Согласно член 32 став 5 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/95), Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со овој закон и со статутот не е определено поинаку.
Согласно ставот 6 на овој член од Законот, статутот, буџетот со завршната сметка на буџетот и деловникот на советот се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот.
Како што беше наведено погоре, Деловникот за работа на Советот е донесен на седницата од 20 декември 1996 година на која присуствувале 25 советници, што значи седницата е одржана со потребен број советници (неопходно е присуство на 20 советници) од кои 13 советници гласале “за”.
Имајќи ја предвид оваа одредба од Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека Деловникот би бил донесен во постапка согласно со закон доколку за него гласале мнозинство од 39-те советници на Советот на град Скопје (член 13 од Законот за град Скопје), односно доколку за него гласеле најмалку 20 советници “за”.
Со оглед на тоа што за оспорениот деловник само 13 советници гласале за неговото донесување, Судот утврди дека тој е донесен во постапка спротивна на Законот.
б) Согласно член 32 став 1 од Законот за локална самоуправа советот на единиците на локалната самоуправа работи на седници.
Ставот 4 на овој член од Законот предвидува советот да може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број членови на советот.
Од наведените одредби произлегува дека законодавецот предвидел советот на единиците на локалната самоуправа да може да работи само доколку присуствуваат мнозинство од вкупниот број на неговите членови не правејќи разлика дали станува збор за избрани членови на изборите со тајно гласање или за членови од советите на општините, избрани од самиот совет.
Имајќи ја предвид одредбата од член 13 од Законот за град Скопје според која Советот на град Скопје го сочинуваат 39 членови од кои 25 членови се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во градот Скопје и по двајца членови од советите на општините на подрачјето на градот Скопје, избрани од самите совети, во конкретниов случај, за да ја одржи седницата на 7 февруари 1997 година Советот на град Скопје морал да има мнозинство од вкупниот бој на неговите членови, односно на седницата морале да присуствуваат најмалку 20 члена.
Со оглед на тоа што седницата на Советот на град Скопје била одржана со присуство на само 13 членови – советници, независно што Одлуката за начинот и постапката за именување на директори и членови на органите на јавните претпријатија е донесена со 13 гласа “за”, а според Законот се потребни 11 гласа “за”, Судот утврди дека не е согласна со закон, затоа што седницата била одржана без законски предвидениот потребен број членови и дека од тие причини е несогласна со Законот за локалната самоуправа
в) Одлуката за времено организирање на работата на Советот на град Скопје, неговите тела и служби и на органите на град Скопје е донесена на седница на Советот на која присуствувале 25 советници (што значи имало потребно мнозинство) од кои 14 советници гласале “за”, а 11 советници “против”.
Во врска со прашањето за потребното мнозинство при донесувањето на оваа одлука, пред Судот се отвори уште едно прашање во смисла на утврдувањето на нејзиниот карактер.
Имено, како што се гледа од нејзината содржина таа содржи одредби од статутарна и деловничка природа поради што, според оценката на Судот, важи одредбата од член 32 став 6 од Законот за локална самоуправа според која статутот и деловникот на советот на општината се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот. Имајќи предвид дека Советот го сочинуваат 39 членови, одлуката би се сметала за донесена ако за неа гласале 20 членови на Советот.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај за Одлуката гласале 14 членови, Судот утврди дека е донесена во постапка спротивна на Законот за локалната самоуправа.
Што се однесува до одлуките наведени под г), д), ѓ), е), ж) и з) во точката 1 од оваа одлука, кај кои, покрај елементите на поединечни акти, преовладуваат карактеристиките на општи акти, поради што и беа предмет на оценка пред Судот, Судот утврди дека се донесени на седницата на Советот од 7 февруари 1997 година, на која присуствувале само 13 советници па, и под претпоставка да се едногласно донесени, тие се донесени без законски предвиденото мнозинство, поради што оцени дека се донесени во постапка спротивна на Законот за локалната самоуправа.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.43/97 и 68/97)