Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 септември 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ одредбите од членот 121 став 2 и членовите 75, 76 и 77 од Статутот на Општина Облешево (“Службен гласник на Општина Облешево, бр.1 од 27 март 1997 година).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Ване Николов, од село Чифлик, Облешево, со решение У.бр.74/97 од 18 јуни 1997 година поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од член 121 став 2 и членовите 75, 76 и 77 од Статутот на Општина Облешево, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на овие одредби со одредбите од Законот за локалната самоуправа.
4. На седницата Судот утврди дека во оспорената одредба од член 121 став 2 од Статутот на Општина Облешево, е предвидено контрола над финансиското работење на облиците на месната самоуправа врши надзорниот одбор на Советот на Општината, додека со оспорените одредби од членовите 75, 76 и 77 од Статутот, се предвидува главен архитект на општината, се утврдува делокругот на неговата работа и се предвидува формирање на општински Совет за архитектура.
5. Согласно член 81 од Законот за локалната самоуправа “Службен весник на Република Македонија” бр.52/95), во месните заедници и во другите облици на месна самоуправа граѓаните одлучуваат за работи од непосредно и секојдневно значење за нивниот живот и работа.
Согласно член 82, работите од член 81 од овој закон се финансираат од:
– средствата кои што единицата на локалната самоуправа ќе им ги отстапи на месните заедници и другите облици на месна самоуправа согласно со плановите и програмите за нивниот развој;
– средства што граѓаните непосредно ги здружуваат;
– средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица;
– средства од надоместок за услуги и
– подароци и други средства.
Имајќи ја предвид ваквата законска регулатива, која предвидува повеќе извори на финансирање на месните заедници и другите облици на месна самоуправа, Судот најде дека оспорената одредба од член 121 став 2 од Статутот на Општина Облешево не е во согласност со цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа, бидејќи истата предвидува контрола од страна на надзорниот одбор на Советот на Општината над финансиското работење на облиците на месната самоуправа која што се протега на сите финансиски средства на облиците на месната самоуправа, а не само на оние средства кои што се одстапени од Општината, со што се задира во самостојното одлучување на облиците на месната самоуправа во поглед на средствата прибавени од другите извори на финансирање.
Согласно член 24 од Законот за локалната самоуправа, органи на единиците на локалната самоуправа се: совет, градоначалник, управни и административни органи. Во единицата на локалната самоуправа која има град како седиште на единицата на локалната самоуправа се именува главен архитект на градот. Согласно член 53 од Законот, главниот архитект се именува и разрешува од страна на градоначалникот на единицата на локалната самоуправа, со мандат од 4 години.
Од цитираните законски одредби произлегува дека во оние единици на локална самоуправа кои имаат град како седиште, орган на единицата на локалната самоуправа, покрај советот, градоначалникот и управните и административните органи, е и главниот архитект на градот. Главниот архитект на градот е носител на јавна функција кого го именува и разрешува градоначалникот, а неговите надлежности се децидно утврдени во член 52 од Законот за локалната самоуправа.
Имајќи предвид дека со оспорените одредби од членовите 75, 76 и 77 од Статутот на Општина Облешево се предвидува главен архитект како орган на оваа единица на локална самоуправа, иако Општината Облешево, согласно член 8 точка 47 од Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачја на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96 и 59/96) нема град за свое седиште, што според член 24 став 2 од Законот за локална самоуправа претставува услов за именување на овој орган, Судот најде дека основано се поставува прашањето за согласноста и на овие одредби со одредбите од Законот за локалната самоуправа
5. Поради наведените причини, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.74/97)