67/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 септември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за начинот и постапката за издавање и одземање на лиценца за работа (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на д-р Велимир Јовановски и д-р Димитрија Најдовски од Скопје, со решение У.бр.67/97 од 9 јули 1997 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Законот за здравствена заштита.

4. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд со Одлука У.бр.61/95 и У.бр.63/95 од 4 октомври 1995 година го укина Правилникот за начинот и постапката за издавање и одземање на лиценца за работа (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/95) поради тоа што со него биле утврдени услови за издавање и одземање на лиценца за работа со што се излегло надвор од рамките на овластувањата што на Лекарската комора и се доверени со Законот за здравствена заштита.

Меѓутоа, и покрај тоа, Собранието на Лекарската комора на 11 април 1996 година утврдило Правилник за негово изменување и дополнување кој е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.22/96.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 112 став 3 о д Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според член 143 од Законот за здравствена заштита, по завршување на приправничкиот стаж здравствените работници полагаат стручен испит. Стручниот испит, според ставот 2 од овој член, се полага пред испитна комисија што ја образува Медицинскиот, Стоматолошкиот и Фармацевтскиот факултет, а според ставот 3 положениот стручен испит се смета како лиценца за работа.

Според член 146 од Законот, здравствените работници и здравствените соработници со висока стручна подготовка можат да специјализираат и да субспецијализираат од определени гранки на медицината, стоматологијата односно фармацијата. Со ставот 2 на овој член е предвидено дека специјализацијата односно субспецијализацијата на здравствените работници и здравствените соработници се врши според прописите со кои се уредуваат постдипломските студии, ако со овој закон не е поинаку определено.

Според член 148 од Законот, специјализацијата во делот во кој се утврдува теоретската и практичната настава во одредено траење се спроведува на соодветната високообразовна организација, а во останатиот дел се остварува во здравствените организации кои имаат сопствен простор, кадар и опрема. Поблиските услови од ставот 1 на овој член и траењето на деловите од специјализацијата (турнусите) ги утврдува соодветната високообразовна организација.

Со членот 149 од Законот е предвидено дека здравствените работници и здравствените соработници можат да специјализираат ако имаат завршено приправнички стаж, положен стручен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на стручниот испит.

Според член 155 став 2 од Законот, лекарската односно фармацевтската комора може да одземе лиценца за работа на доктори на медицина, доктори на стоматологија и дипломирани фармацевти ако утврди дека ја прекршиле лекарската етика или сториле потешка повреда на стандардите и квалитетот на здравствените услуги. Според ставот 3 на овој член, против одлуката на лекарската односно фармацевтската комора може да се изјави жалба до министерот за здравство, а според ставот 4 коморите донесуваат статут, утврдуваат кодекс на професионалните етички должности и права, формираат суд на честа и други помошни тела и донесуваат други акти за начинот на работењето на нивните органи и за начинот и постапката за издавање односно одземање на лиценца за работа.

Имајќи предвид дека Правилникот за измена и дополнувања на Правилникот за начинот и постапката за издавање и одземање на лиценца за работа е утврден од Лекарската комора на Македонија и е објавен во “Службен весник на Република Македонија” откако со одлука на Уставниот суд е укинат основниот текст на правилникот, Судот оцени дека Лекарската комора при неговото утврдување не водела сметка за конечноста и извршноста на одлуката на Уставниот суд и дека со овој правилник е повреден принципот на владеењето на правото и правната сигурност.

Од друга страна од цитираните законски одредби произлегува дека законот го уредил режимот на полагањето на стручниот испит на здравствените работници како услов за добивање лиценца за работа. Исто така, законот го уредил и режимот односно условите и начинот на полагањето на специјалистичките и субспецијалистичките испити во определени гранки на медицината, стоматологијата односно фармацијата. Притоа, законот не предвидува за лекарите, стоматолозите и фармацевтите, по полагањето на специјалистичкиот односно субспецијалистичкиот испит повторно да се стекнуваат со лиценца за работа во определена гранка на медицината, стоматологијата односно фармацијата.

Лекарската комора на Македонија во рамките на овластувањата што и се доверени со законот, нема право да го утврдува времетраењето на лиценцата ниту пак, да утврдува услови за издавање и одземање на лиценцата туку може само да го утврди начинот и постапката за издавање на лиценцата, доколку се исполнети законските услови за нејзиното стекнување односно да го уреди начинот и постапката за нејзиното одземање под услов ако утврди дека докторот по медицина и стоматологот односно дипломираниот фармацевт ја прекршил лекарската етика или сторил потешка повреда на стандардите и квалитетот на здравствените услуги.

Со оглед на тоа што со овој Правилник повторно се уредуваат истите прашања какви што беа во укинатиот Правилник, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.67/97)