111/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 септември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 38 до 43 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 17/79, 18/89 и 21/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.71/96).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 44 до 48 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, д-р Кирил Апостолски, со група од десет граѓани сите од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 38 до 48 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Законот за градежно земјиште предвидувал три вида материјални обврски за корисниците на градежното земјиште и тоа надоместок за доделување на користење на земјиштето (член 36 од Законот), надоместок за уредувањето на земјиштето (член 42 од Законот) и надоместок за употреба на земјиштето (член 44 од Законот). Таквата мултиплицирана обврска за еден ист правен однос меѓу давателот на земјиштето (државата) и корисниците на земјиштето, кои покрај овие обврски, како сопственици на згради и станови, плаќале и данок на имот, што севкупно не било во согласност со Уставот, особено на принципот на владеење на правото, кој не допуштал вакво имотно оптоварување на граѓаните како корисници на градежното земјиште.

4. Судот на седницата утврди дека според член 38 став 1 од Законот, изградбата на станбени, стопански, комунални и други објекти се врши на уредено градежно земјиште, а според ставот 2, објектите од став 1 на овој член можат да се градат и на земјиште што не е уредено. Во тој случај корисникот е должен, врз основа на договор, да го уреди земјиштето.

Со член 39 од Законот се определува дека уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на програма, што ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистичкиот план, а по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот во делот на неговата надлежност.

Според член 40 од Законот, програмата за уредување на градежното земјиште особено ги содржи следниве елементи:

– подрачјето со поблиско определување на земјиштето што се уредува;
– обемот на уредувањето и степенот на опремувањето со комунални објекти и инсталации;
– пресметката на трошоците за уредувањето;
– изворите на финансирањето на уредувањето;
– начинот на здружувањето и насочувањето на средствата за уредување и
– динамиката на извршувањето на програмата.

Според член 41 став 1 од Законот, уредувањето на градежното земјиште се финансира од средствата остварени од неговото доделување, од надоместоците за уредувањето односно за употребата на градежното земјиште, од средствата на комуналните организации, средствата од самопридонес и од други средства. Според став 2 од овој член, средствата од став 1 на овој член се утврдуваат со програмата.

Со член 42 став 1 од Законот се уредува дека за доградба и надградба на постојните објекти се плаќа надоместок за уредување на градежното земјиште. Според ставот 2 од овој член износот на надоместокот се утврдува со програмата и не може да биде поголем од 50% од вистинските трошоци за уредување на земјиштето потребни за изградба на нови објекти на соодветната локација, според ставот 3 од овој член, за надоместокот од став 1 на овој член се склучува договор, според ставот 4 од овој член, за градежно земјиште на кое се дозволува градба, а не се врши уредување на тоа земјиште, не може да се пропише обврска за плаќање на надоместок за уредување при издавањето на дозвола за градба, а според ставот 5 од овој член од Законот, тие односи се уредуваат тогаш кога ќе се почне со уредување на тоа земјиште.

Според член 43 од Законот, средствата остварени од надоместокот за уредување на градежното земјиште се користат за намените утврдени со програмата.

Според член 44 став 1 од Законот, собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации, според ставот 2 од овој член, со одлуката од став 1 на овој член се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот, според ставот 3 од овој член, надоместокот од став 1 на овој член го плаќа непосредниот корисник на таквото земјиште, а според ставот 4 од овој член на Законот, како непосреден корисник, во смисла на став 3 на овој член, се смета носителот на правото на користење на недвижности, сопственикот и носителот на станарското право.

Надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште според член 45 од овој закон, се плаќа по единица површина посебно за градежното земјиште и посебно за изграден користен простор.

Според член 46 став 1 од Законот, средствата од надоместокот од член 45 од овој закон се користат за финансирањето на изградбата на комунални објекти и инсталации и за уредување на градежното земјиште во согласност со програмата, а според ставот 2 од овој член на Законот, по исклучок, дел од средствата од надоместокот за употреба на градежното земјиште во висина од 30% може да се употреби како учество во трошоците за одржување на комуналните објекти и на инсталациите што се уредува со програмата.

Надоместокот за употреба на градежното земјиште, според член 47 став 1 од овој Закон, не може да се утврди, ако тоа земјиште се употребува:

– за потребите на општонародната одбрана и општествената самозаштита;
– за згради на странски држави што служат за потребите на странски дипломатски и конузларни претставништа и за живеење на нивниот персонал, под услови на реципроцитет;
– за згради на меѓународни и меѓудржавни организации што служат за потребите на тие организации и за живеење на нивниот персонал, ако со меѓународна спогодба не е определено поинаку, и
– за згради и простории што им служат на верските заедници за вршење на нивната верска дејност.

Според став 2 од овој член на Законот, собранието на општината, може целосно или делимично да ги ослободи од плаќање на надоместок за употреба на градежното земјиште организациите од општествените дејности, хуманитарни и други општествени организации кои вршат дејност од општествен интерес.

Надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште, според член 48 од овој закон, се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот (положбата на земјиштето во населбата или населеното место, сообраќајната поврзаност со центарот, снабденоста со комунални објекти и инсталации, рационалност на користење и други околности од значење за користење на тоа земјиште).

5. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со член 51 став 1 од Уставот се уредува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот, а според став 2 од овој член на Уставот, секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и ужив аат посебна заштита. Според ставот 3 на овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот е предвидено дека Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според член 114 став 4 од Уставот општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката, а според член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено, покрај другото, во областите на урбанизмот и комуналните дејности. Општината е самостојна во вршењето на надлежноста утврдена со Уставот и закон. Републиката со закон може да довери вршење на определни работи на општината.

Согласно член 17 став 1 точка 4, 5 и 27 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95), единиците на локалната самоуправа, меѓу другото, самостојно ги вршат работите на уредување и употреба на градежното земјиште, утврдуваат зони и собираат земјишна такса и вршат одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје. Вршењето на тие работи се остварува во согласност со закон.

Со Законот за градежното земјиште се уредуваат прашањата за користењето на градежното земјиште. Имено, според член 1 став 1 од Законот, со овој закон се уредуваат условите и постапката за определување, доделување, користење и правата врз градежното земјиште, а според ставот 2 од овој член на Законот, под користење на градежно земјиште, во смисла на овој закон се подразбира уредувањето и употребата на градежното земјиште. Според член 4 од овој закон, уредувањето и употребата на тоа земјиште е дејност од јавен интерес, а според член 9 од Законот, градежното земјиште е на Републиката.

Градежното земјиште со кое управува, според член 36 став 1 од Законот, Републиката го доделува на користење на физички и правни лица заради изградба на објекти.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека со закон може да се утврди дека градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката и да се утврдуват условите и начинот на користењето на тоа земјиште. Понатаму, дека со закон може да се утврди обврска за плаќање надоместоци за уредување и употреба на градежното земјиште заради оспособување на градежното земјиште за градба односно заради погодностите што на корисникот му ги пружа изграденото градежно земјиште, независно од околноста што со други закони е можно да се пропише и обврска за плаќање на данок на имот за зградите што се наоѓаат на тоа земјиште.

Од наведните одредби, исто така, произлегува дека единицата на локалната самоуправа со закон е овластена да ја утврдува висината и начинот на плаќање на надоместоците за употреба и уредување на градежното земјиште.

Тргнувајќи од фактот дека под користење на градежно земјиште се подразбира уредувањето и употребата на градежното земјиште (член 1 став 2 од Законот), според мислењето на Судот не стојат наводите на подносителот на иницијативата дека за градежното земјиште се плаќа мултиплицирана обврска за еден ист правен однос меѓу давателот и корисникот на земјиштето, дотолку повеќе што во член 36 од Законот на кој се повикува во иницијативата не е содржана таква обврска. Всушност, Законот содржи обврска за плаќање надоместоци за уредување и за употреба на градежното земјиште.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека нема основ за поставување на прашањето за согласноста на членовите 38 до 43 од Законот со напред наведените одредби од Уставот.

6. Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд постапувајќи по предметите У.бр.161/94, У.бр.7/96 и У.бр.8/96 ја оценувал уставнсота на членовите 44 до 48 од Законот за градежното земјиште од аспект на нивната согласност со одредбите на Уставот што се однесуваат на правата на граѓанинот утврдени со Уставот и не нашол повреда на тие права, поради што не повел постапка за оценување на нивната уставност, како и за тоа дека во повторното постапување ја отфрлил иницијативата во тој дел, Судот за тие прашања веќе одлучувал и не наоѓа основи за поинакво одлучување, поради што, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата во тој дел ја отфрли.

Во однос на наводите во иницијативата за големото оптоварување на граѓаните како корисници на градежното земјиште, Судот смета дека тоа е фактичко прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите
д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.111/97)